Владата на Република Македонија денеска, со почеток во 15.30 часот, ќе одржи седница преку видео-конференциска врска со повеќе точки на дневен ред.
Како што информираат од Владината прес-алужба, на денешната, 64. седница ќе се разгледа и усвои записникот од 71. состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на корона вирусот Ковид-19, одржан на 10 jуни 2020 година.
На оваа седница на предлог на Министерството за економија на дневен ред, меѓудругото е и Информацијата во врска со Програмата за субвенции за кофинансирање на настани за 2020 година.
На денешната седница Владата ќе ја разгледа и Информацијата за ставање во функција на веб-страницата за електронски донации solidarnost.gov.mk, со цел да се олесни и поедностави целиот процес на донирање на финансиски средства за сите правни и физички лица кои имаат можност и волја да донираат, како и да се препознае општествено одговорното однесување и да се поттикне солидарноста, во рамки на донаторската соработка.