Законот за јавно обвинителство сè уште нема консензус меѓу политичките партии. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат нов закон за ЈО изготвен од професори и експерти. Како што соопшти лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, безрезервно ќе поддржат таков евентуален предлог од експертите. Сепак, нивниот предлог нема поддршка во Министерството за правда од каде го оценуват како несериозен и затоа ја повикаа опозициската партија да поднесе амандмани за законот.
– Законот е сè уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, ги повикуваме да подготват амандмани на овој текст – сè останато е алиби за недонесување на законот и избегнување на правдата – велат од Министерството за правда во врска со изјава на Мицкоски за законот.
Од Министерството за правда потсетуваат дека законот за јавно обвинителство се изготвувал долг временски период од работна група во која учествувале домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, но исто така и странски експерти, па дури странски јавни обвинители, кои давале сугестии и мислења за одредени прашања поврзани со законот.
Мицкоски, пак, предложи да се формира експертски тим во кој би биле вклучени професорите по уставно и казнено право Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, законот што го предлага власта е едностран и спротивен со експертските мислења, Уставот и кривичната материја, а негова единствена цел е Зоран Заев и актуелната власт да избегнат одговорност за, како што посочи Мицкоски, сторените криминали.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, повикаа на консензус на политичките партии за законот.
Спасовски смета дека со тоа на дело ќе се покаже дека сите се за исполнување на стратегиските цели – ЕУ и НАТО.
– Иако сите знаеме дека законот за јавно обвинителство не е услов за почнување на преговорите, меѓутоа би било една добра позитивна препорака или позитивен пример како напредуваат работите во однос на реформите во Република Северна Македонија. Тогаш сите политички субјекти тоа треба да го имаат на ум. Најважно е интересите на државата да преовладаат над личните, партиските, бизнис или некакви други интереси. Потребен е минимум национален консензус во делот на остварување на нашите аспирации за членството во НАТО и ЕУ – изјави Спасовски.
Како што информираа од Министерството за правда, претставници на пратеничките групи и вчера одржале билатерални средби, на кои биле разгледани нивните амандмани за законот за јавно обвинителство, со цел да се обезбеди консензус и двотретинско мнозинство.