Македонија 07. септември 2020. / 09:52

СДСМ: Судиите што застаруваат предмети ќе бидат разрешени

СДСМ: Судиите што застаруваат предмети ќе бидат разрешени

Приоритет на Владата предводена од СДСМ е целта која ја зацрта заедно со граѓаните – градење на силна ефикасна правна држава која бескомпромисно ќе се бори против криминалот и корупцијата, држава која гарантира независен правосуден систем, велат од партијата преку соопштение.

Додаваат оти ред, правда и дисциплина мора да има во Република С. Македонија. Сега следува процес на целосно и темелно прочистување на правосудството.

Судиите кои намерно застаруваат предмети по автоматизам ќе бидат разрешувани, предметите ќе се следат електронски, па ако се утврди дека некој во правосудството не постапувал со цел да застари предметот, тој судија или обвинител ќе биде разрешен по автоматизам, се наведува во партиското соопштение.

Потенцираат оти ќе се врши детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители, како и ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.

Поради неопходноста на ред и дисциплина во сите институции, велат, отчетност и транспарентност на службите,се воведува законска обврска за јавна објава на трошоците на сите функционери во централната, локалната, но и судската власт.

Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат правда и конечно да почне да се применува законот за сите подеднакво. Законот за Јавно обвинителство гарантира дека политиката не може да интервенира во судските одлуки и дека сите предмети од висок криминал и корупција ќе имаат завршница, стои во соопштението од СДСМ.

Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ, велат и во следниот период остануваат посветени на реформите кои обезбедуваат силна, независна и ефикасна правна држава и правда за сите.