Македонија 18. април 2018. / 21:46

СДСМ: Срамно обраќање на Мицкоски, останува заробен во политиките на неговиот претходник

Со ниското ниво што го промовира, Мицкоски покажува дека останува заробен во поразените политики на неговиот претходник Груевски, реагира СДСМ на изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Монструм” и барањето оставка од премиерот Зоран Заев.

„Ниски страсти, црни кампањи, поигрување со судбините на граѓаните, попречување на правдата и злупотреби на судските процеси беа одлика токму на 11 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.

Денешното, во најмала рака срамно обраќање на наследникот на Груевски, Христијан Мицкоски, каде со ист речник, со ист интензитет се шират лаги и манипулации, покажува дека тој сѐ уште е заробеник на политиката на неговиот претходник.

Тоа ниско, приземно ниво, што го промовира Мицкоски говори многу за него и за жал со тоа продолжува да ја оддалечува ВМРО-ДПМНЕ од прогресивните, демократски сили што ја движат Македонија напред. Очигледно е дека Мицкоски сѐ уште не може да се оттргне од старата, поразена матрица на создавање омраза, поделби и конфликти во општеството.

Времето кога политиката се мешаше во судството, Груевски беше главен обвинител и судија, а судските процеси се нарачуваа и монтираа во премиерски кабинети, заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.

Македонија, колку и тоа да не им се допаѓа на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, е правна држава со неселективно владеење на правото и секој што направил какво било прекршување на законите одговара за своите постапки“, се вели во реакцијата на СДСМ.