ВМРО-ДПМНЕ е симбол на партизација на институциите, во државната администрација не смее да има политика, притисоци и реваншизам, се вели во реакцијата на СДСМ.
Не постои поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ да зборува за вработувања во администрација, кога токму таа партија е симбол на непотизам и масовна партизација на државните институции. Токму ВМРО-ДПМНЕ во октовмри 2012 година само преку еден оглас во РЕК Битола вработи 625 партиски кадри, сите според списоци по Општински комитети и јавноста добро го памети тоа. За разлика од таквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ, денес процесите за вработувања се законски, јавни и транспарентни. Сите вработувања се согласно план, потреба и програма на самата институција, а за сите кандидати важат еднакви услови и критериуми. Секој има еднакви можности за работа, велат од партијата.
Оттаму додаваат дека остануваат доследни на одамна искажаниот став дека во државната администрација нема и не смее да има реваншизми, притисоци и политика.
Секој има право да членува или да не членува во политичка партија, но тоа право никако нема и не смее да се доведе во врска со работното место. Секој кој има квалитети, без разлика дали е или не е член на која било партија има еднакво право да добие работно место а со тоа и сериозна обврска своите работни задачи да ги извршува на професионален начин. Започнат е процес на деполитизирана и департизирана администрација. Тоа значи вработувања според мерит систем, а не според политика или партиска припадност. Во јавниот сектор, во државните институции и претпријатија, мора да се работи според мерит систем и според потребите на граѓаните, бидејќи институциите постојат за граѓаните, а не обратно, се вели во соопштението на СДСМ.