Во време на светска пандемија со корона вирус и со барање на техничката влада за продолжување на вонредната состојба од нови 30 дена, владејачкиот СДСМ делува како изгубен и во просторот и во времето и како целосно да го има изгубено тлото под нозе. Веќе самиот се изгуби во сопствените лаги и стапици, а своите политики не ги води веќе на дневна основа, туку ги менува од час во час, од минута во минута… Во зависност од тоа што ќе му падне на ум на лидерот и неговите епигони од блиското окружување. А, за конструктивност и конзистентност во ставовите не може ни збор да стане.
Како поинаку да се сфатат последните, повеќе закани и уцени, отколку предлози на СДСМ дека ако нема избори во јуни, тогаш да си ја вратат политичката влада и на избори да се оди во последните можни термини за редовни-крајот на ноември или почетокот на декември. Само по себе се гледа дека нема ни здрав разум, ни логика, и дека рациото едноставно се губи во дневно-политичките глупости, а да не говориме за законските или уставните одредби.
На двапати Уставниот суд потврди дека Собранието не може повторно да заседава, зашто е распуштено. И за да почне со работа, мора да има избори. И без да каже како мисли тоа правно да го стори, СДСМ бара да се врати нивната политичка влада. Со помош на политички трикови или со ново силување на Уставот и законите?! Јуриш политика на гола политичка моќ, што ја дели само нишка од авторитарност и диктатура.
А, колку до вчера ги убедуваа граѓаните во нешто друго. Прво, брзо, брзо не кризна, туку вонредна состојба. Добро, ајде вонредна нека биде. Потоа „блескањето“ на економски план се претвори во буџетска дупка од две милијарди евра. Добро, задолжување од надвор и помош мора да има. Прв сет, втор сет, трет сет мерки за да ни каже Зоран Заев дека и тој минималец од 14.500 денари треба да сме среќни што го имаме, зашто нема каде да ги потрошиме! Се е затворено.
Па, мантрата се претвори во брзо, брзо на избори. Експресно, најбрзо што може! А, бројот на новозаболени од корона вирусот исти како кога се прогласи вонредната состојба! Ама, кривата паѓала!? Каква крива, какви глупости. Луѓе умираат секојдневно по болниците.
И што беше првото оправдување? Ќе имало нов бран од корона вирусот. И тоа на есен. Кој во светот може да каже дали, кога и каде ќе се појави тој втор бран? Ако се земе, на пример, Вухан, центарот на појавата и првото жариште на корона вирусот, како втор бран ги толкуваат сега појавените случаи. Ама, работата е во тоа што таму, барем официјално, вирусот се појави во декември, значи пред шест месеци. Споредено со наши услови, токму во време што сега ни вика СДСМ да одиме на избори во ноември или декември. Но, тоа што е најважно, сега на виделина излегуваат податоци дека корона вирусот токму во Вухан се појавил многу порано! И никој не кажува кога точно. Чисто за да се направи елементарна математика и обид за било каква споредба.
А, што значи барањето за враќање на политичката влада на СДСМ? Дали тоа му тежи обврската на техничкиот премиер Оливер Спасовски или, пак, екс-прмиерот Зоран Заев се чувствува запоставен и не доаѓа веќе до израз со своите високи политики и стравува за својата позиција? Или, пак, во спроведувањето на политиките на владата им пречи присуството на единствениот министер предложен од опозицијата, тој за внатрешни работи? Или, заменичката министерка за финансии на која не и дозволуваат во ништо ни да ѕирне? Ги спречија во задолжувањата, во ребалансот на буџетот, во што? Не. Ништо од тоа.
Па, нивната политика од авион се гледа. Кога ја напушти власта, а кога доби двомилионски тендер екс-вицепремиер за економски прашања?! Кога стана министерка за финансии, а кога блиска до неа фирма добива пари наменети за иновации?! Кога поднесе оставка директорот на Фондот за здравство за да се открие дека преку Муртино добивал или „перел“ пари?! Кога почна реконструкцијата на делот од скопскиот плоштад, а кога дознавме дека чини 550.000 евра?! Кога почна кризата, а кога се набавија тони месо, стотици килограми апетисани, виски, скапи вина…!? Ама буквално нема област од која не се наѕира некоја афера или во најмала рака сомнеж за начинот на кој се трошат народните пари.Еве, сега се најавуваат ваучери за годишни одмори. Ја за годишни одмори, ја за нешто друго. На пример, за институционална предизборна корупција!?
И сега ајде на избори. Ама, ова ајде на избори не е право ајде на избори. Ова се претвори во чиста шизофренија. На избори со страв од зараза, што дебне на секој чекор. И од се. Па, ќе прават уште правилник за кампања и одржување избори. Процес во кој треба да учествуваат милион луѓе, милион карактери, милион табиети, милион погледи и сфаќања, милион однесувања… Лесно е да се каже ќе биде вака, ќе биде така, ама кога станува збор за реализација во пракса, е тогаш излегуваат вистинските проблеми. И може ли некој да ги предвиди до детал? Не, апсолутно не. Значи, ќе тргуваме, лицитираме, ќе газиме и по живи луѓе и по трупови, аман само избори да има! Бескрупулозна некрофилија. Што, нели, нема да биде првпат кога станува збор за СДСМ. Се уште се свежи примерите за Нешковски, Смилковско Езеро, Младенов… И сите се покажаа како гола лага и средство за приграбување на власта.

Чудно. На Заев не му пречи заштитната маска во јуни, ама му пречи во јули. Види мајката. А, што со податоците дека некогаш јуни знае да е многу потопол од јули? Или сигурен е дека јуни ќе биде посвеж од јули. Ванѓа или малиот Ѓокица.
А, како вчера да беше Велигден, а еве и Рамазан Бајрам дојде. И сите едногласно велат, внимавајте луѓе. Со корона вирусот нема шега. И тука не станува збор за милион луѓе. Ама дисциплина и одговорност, и индивидуална и колективна, сепак треба да има. И така мора да биде, никако поинаку.
Што е целта на власта за брзи избори? Да добие нов легитимитет? Во ред. Политички сосема разбирливо. Ама, тој легитимитет треба да произлегува од бројот на освоени гласови. Старо непишано политиччко правило е дека на власта и одговара помал одзив на гласачите, а поголемата излезност е во полза на опозицијата. И во ова е суштината. Ама, не е бесзначајно дали таа мала излезност ќе се сведе на 20, 30 или еве, нека се и 40% од гласачите. И ако таа бројка се подели меѓу власта и опозицијата, тогаш налет и на легитимитет и на победа!
Какво значење има пролонгирање на изборите за септември или октомври? Апсолутно никакво. Барем од гледна точка на обичен граѓанин. За два, три месеци многу работи ќе се разбистрат и ќе станат појасни. И што е најважно, граѓаните барем психолошки ќе можат колку-толку да се ослободат од секојдневниот стрес и страв. Што значи, и колку-толку посмирено да излезат на гласачките места за да можат слободно да ја изразат својата политичка воља.