Македонија 25. јануари 2021. / 09:28

СДСМ: Пописот ќе се одржи на пролет, ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира граѓанитe

СДСМ: Пописот ќе се одржи на пролет, ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира граѓанитe

Пописот на населението што за првпат по цели 19 години ќе се одржи на пролет, е од исклучителна важност за нашата држава и за креирањето на идните државни, економски, здравствени, образовни, културни политики и стратегии, суштински за напредокот на државата, велат преку соопштение од владејачката партија.

Тие сметаат дека законот за попис, усвоен во Собранието, гарантира одржување на оваа значајна статистичка операција според меѓународните стандарди, според стандардите на Евростат.

– Деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ околу собирањето на потписи и повикувањето на граѓаните да го бојкотираат пописот е крајно антидржавно однесување. ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира граѓаните и ги поттикнува на непочитување на законите, иако знае дека за лицата кои не сакаат да се попишат следуваат казни, велат од СДСМ.

Според нив ВМРО-ДПМНЕ прави деструкции.

– Опозицијата да не го партизира пописот и да не ги инволвира граѓаните за нивни партиски поени, бидејќи на сите им е јасно колку е значајна оваа статистичка операција и колку е голема должноста на сите граѓани да се вградат во нејзиното спроведување, се вели во соопштението на СДСМ.