Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ го изгласа пакетот на закони со кои се заокружува социјалната реформа која има за цел трајно да извлекува од сиромаштија. Со социјалната реформа пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати повеќе деца. Детскиот додаток кој досега го користеа 3.200 деца сега ќе го користат 73.500 деца, додека пристап до образовниот додаток отсега ќе имаат 64.136 деца, наместо 3.800 деца како досега, ова го соопштија од владејачката СДСМ.
-Со ова опфатот на деца кои ќе добиваат детски и образовен додаток се зголемува за 20 пати. Оваа мерка има за цел извлекување од детска сиромаштија. Паричната помош за семејствата од ранливите категории се зголемува и до 300 отсто, а првите исплати на зголемената парична помош се очекуваат веќе од идниот месец, велат од партијата.
–Со трите закони, за социјална и детска заштита и социјална сигурност на стари лица се прави целосна преобразба на досегашниот систем за социјална заштита, конечно се воведува социјална правда што е основата на секое здраво и напредно општество. Зборот е збор, продолжуваме да ги реализираме мерките од Програмата. Како одговорна партија, остануваме посветени на мерките што обезбедуваат намалување на сиромаштијата, повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани – велат од СДСМ.