Се поголема е веројатноста дека опозициските партии нема да учествуваат на изборите во Штип и Пласница.
Доскорешниот прв човек на Штип, Благој Бочварски од СДСМ, сега е министер за земјоделство, а Исмаил Јахоски од владејачката ДУИ, кој беше градоначалник на Пласница, беше избран за пратеник. Должноста градоначалник на Штип сега ја врши Јане Миланов, а на Пласница Елсан Нурчески. Локалните избори се закажани да се одржат на 13-ти декември, но прашање е дали на истите ќе се одмерат силите на сите партии или свој кандидат ќе има само владејачката коалиција.
Својот став до сега јавно го искажаа опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Глас за Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати изјави дека размислува за бојкот на Локалните избори во Штип и Пласница, а од вчера бара одложување на истите. Како главна причина за одлуката, ја наведуваат корона-кризата и зголемениот број на нови, но и на смртни случаи поврзани со Ковид-19.
– За два дена имаме над 40 мртви и речиси две ипол илјади новозаразени со ковид-19. Нашата земја е на самиот врв во регионот по бројот на заразени и по бројот на починати споредено со бројката на направени тестови. Сето ова укажува на тоа дека нема услови за одржување на локални избори во Штип и Пласница и дека истите треба да се одложат се до обезбедување на пристојни и нормални услови за функционирање и фер изборна кампања, изјави вчера Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде:
„Не може да има забрана за собири на повеќе од четири лица, а Владата на Заев да очекува дека изборите во Штип и Пласница нема да го загрозат здравјето на граѓаните. Изборот за градоначалник на Штип со мандат од само 9 месеци може да почека, но заштита на здравјето на Македонија не смее да се занемари. ВМРО-ДПМНЕ никогаш порано и никогаш во иднина нема да води некрофилска политика. Мора да се однесуваме одговорно и граѓаните тоа го бараат од нас. Избори да, но не и по цена на животите на луѓето. Избори не, ако тие се со цел зачувување на фотелјите на Бочварски и на Заев“
Покрај Стојаноска, на социјалните мрежи повик упати и Жаклина Пешевска. На својот Фејсбук профил таа напиша:
– Услови за оддржување на предвремени локални избори во Штип и Пласница нема. Секако, ќе се запрашате зошто? Ако се земе предвид, статистиката поврзана со пандемијата за последните седум дена ќе го видиме следното:
6416 – заболени од Ковид-19 на територија на Република Македонија од нив 202 се од Штип
108 – починати на територија на цела држава.
На една ваква состојба на бројки, дали вреди да го ризикуваме животот на граѓаните на Штип и Пласница? Се работи за мандат на градоначалници од 9 месеци до редовните локални избори. Дополнително ако се земе предвид мерките кој се на сила, носењето маска на отворено и забраната за групирање на над 4 лица на отворено, на кој начин ќе се овозможи фер и демократски избори а да не се загрози изборната кампања?
Апелирам до политичките партии од власта да се вразумат и да се постигне согласност за одложување на изборите со цел заштита на здравјето на граѓаните.
Покрај најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, став за ова прашање изнесоа и Алијанса за Албанците и Алтернатива. Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари изјави:
– Мислам дека е многу неразумно во оваа економска криза и во оваа состојба на пандемија да се организираат вонредни локални избори на кои ќе бидат избрани градоначалници за мандат од десет месеци. Нека анализираат како може да им се продолжи мандатот на овие двајца градоначалници во Пласница и Штип може да биде продолжен за уште десет месеци, да не ги трошиме парите, па наместо на избори, да ги потрошиме на лекови или да направиме што повеќе тестови.
Партијата „Глас за Македонија“ на Солза Грчева изјави дека иако се предизвикувани да излезат на изборите, како општествено одговорна партија нема да земат учество на истите:
– Сметаме дека на уште едни „корона“ избори не треба да се настапува, иако имаме одличен кандидат. Тие нема да бидат ниту фер, ниту демократски, а најмалку безбедни. И еден загубен човечки живот поради оваа сложена операција, ќе биде доволна причина да не влегуваме во опасна авантура. Ако во јули се велеше дека мора да се одржат предвремените парламентарни избори поради доаѓањето на вториот жесток бран на пандемијата, какво е оправдувањето токму среде тој бран да се одржуваат било какви избори?