Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го оцени предлог законот за јавно обвинителство како структурно и системско решение, далеку од рацете на политичарите и во функција на јакнење на независноста и реформите во праводуството, додека според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предложеното законско решение е антиуставно и во спротивност со кривичното право.
Двајцата лидери во текот на вчерашниот ден ги изразија своите позиции во однос на предложеното законско решение во пресрет на средбата на работните групи на двете партии, која според најавите треба да се одржи до крајот на неделава. Мицкоски порача дека нема да учествуваат во преговорите за законот за јавно обвинителство доколку не бидат разгледани и прифатени нивните забелешки и предлози.
Иако формално не е услов за почеток на преговорите со ЕУ, сепак високите европски претставници изминатиот период Законот за ЈО го споменуваат се погласно дека е потребно да се донесе во сегашниот парламентарен состав.
Заев вчера порача дека не држат тезите дека преку овој предлог некој се обидува да амнестира случаи и да скрие криминал на актуелната власт.
– Со законот се гарантираат сите актуелни случаи, отпочнати предистраги, истраги, судски процеси и слично без разлика за кого се однесуваат, вклучително и предметите од СЈО, но и од Обвинителството за организиран кримнал и тоа сегашни, минати, а веројатно и идни предмети. Ако ВМРО-ДПМНЕ е за вакво решение јавно ги повикувам, а веројатно тоа ќе го направи и министерката за правда како лидер на работната група од наша страна, уште утре да седнат работните групи и веднаш да разговаат за се да решиме во функција и интерес на граѓаните. Во спротивно, останува само политиканство и сериозна потврда дека некој постои и функционира само за да го заташка криминалот и да ја спречи одговорноста за криминалот без разлика за кого се однесува – изјави Заев во одговор на новинарско прашање за време на вчерашната посета на МАСИТ.
Мицкоски истакна дека дел од членовите во новиот предложен закон за јавно обвинителство се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што во неколку од нив се крши Уставот и Обвинителството го става под контрола на власта.
Тој презентираше дел од забелешките во јавноста, а тие допрва ќе бидат доставени до претставниците на СДСМ кои треба да ги разгледаат, а потоа да биде договорена средба.
При анализата на Предлог законот партијата консултирала повеќе правни експерти за кои Мицкоски истакна дека се подготвени да ги бранат забелешките.
– Носењето квалитетен закон за јавно обвинителство би значело решение по кое Зоран Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и да се докажуваат низ една транспарентна и законита постапка за сите обвинувања за криминал и афери.Токму затоа последниот кој има интерес во државата од квалитетно решение за јавно обвинителство е Заев. И затоа се толку силно фокусирани кон опструкции и кочење на носење квалитетно законско решение, но и наметнување на предлог закон кој ќе гарантира своевидна амнестија на криминалот на власта преку целосна контрола врз обвинителството – порача Мицкоски.
Како што истакна Мицкоски, со законот повторно се предлага формирање на посебно обвинителство со енормно високи плати и додатоци на посебна каста на привилегирани обвинители, а на штетата на обвинителите во редовното обвинителство.
– Предлагаат закон кој што е антиуставен и во спротивност со кривичното право. Со законот се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски – изјави лидерот на ВМРО–ДПМНЕ.
По серијата неуспешни обиди за договор меѓу влста и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по минатодонеделната посета на еврокомесарот Оливер Вархеjи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.