Заменикот државен секретар на САД, Џон Саливан е уверен дека Република Македонија набргу и заслужено ќе стане следна нова членка на НАТО, соопшти МНР по средбата на Салива со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
На средбата биле потврдени партнерските односи меѓу двете земји и натамошната силна поддршка на САД за евроатлантските перспективи на Република Македонија, а Димитров се осврнал на актуелната, завршна фаза од процесот на имплементација на Договорот од Преспа и предизвиците на тој пат, нагласувајќи дека неговото успешно спроведување ќе ја потврди одлучноста на Македонија да биде стабилен, предвидлив и партнер способен самостојно да се справува со предизвиците.
Димитров додал дека покрај конструктивниот пристап кон соседите, Република Македонија, изминатиов период вложува силни напори да прерасне во вистинска европска демократија преку реформи за градење одговорни институции, слободни медиуми и владеење на правото.
Саливан, пак, истакнал дека целта на неговата посета е да ја реафирмира американската поддршка на историскиот пат на интеграцијата на Република Македонија кон ЕУ и НАТО и ја поздравил храброста и одлучноста при решавањето на спорот околу името со Грција, како и конструктивниот пристап во односите со сите соседи, изразувајќи увереност дека Република Македонија набргу и заслужено, ќе стане следна нова членка на НАТО.