Македонија 15. мај 2019. / 17:38

РСЕ: За Македонија нема датум за преговори со ЕУ до крајот на годината!

РСЕ: За Македонија нема датум за преговори со ЕУ до крајот на годината!

Земјите членки на Европската Унија, најверојатно, на 23 јули ќе одлучуваат за евентуалното отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, дознава Радио Слободна Европа од добро информирани извори. Меѓутоа, во најдоброто можно сценарио, овие преговори не би можеле да започнат пред крајот на оваа година, поради неопходните процедури во ЕУ.

Иако од ВМРО-ДПМНЕ постојано информираа дека поради неспроведувањето на реформите, Македонија нема да добие датум за преговори со ЕУ во јуни оваа година, власта, а особено премиерот Зоран Заев беше убеден дека тоа може да се постигне.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во неколку јавни настапи имаше кажано дека нема да добиеме датум за преговори оваа година.

– Македонија и оваа годинава нема да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Иако држвата добиваше позитивни препораки за отпочнување на преговори од 2008 година континуирано, со исклучок на претходната и оваа година, не ги почнуваше преговорите заради спорот со Грција. Лани основната мотивација на Заев и Димитров зашто потпишаа таков договор каков што потпишаа, кој по сите основи е лош и полош не можеше да биде, беше почеток на преговори за членство во ЕУ. Лани на 17 јуни го потпишаа договорот блиску тука до Битола и веќе на 29 јуни Европската унија реши да не ни даде датум за преговори, им дадоа еден сет од четири работи кои што требаше да се направат до овој јули за датум за преговори. Јас во ноември напишав една колумна во која што предвидов дека Македонија нема да добие ниту оваа година датум за преговори, не дека сум видовит, туку затоа што имам соодветни информации од Брисел, а се сведуваше на еден апел до Владата сериозно да ги свати тие четири реформи, но Владата тоа не го свати сериозно и мислеа дека само со договорот од Преспа ќе добиеме датум. – вели Николоски во интервјуто за телевизија Тера.

Премиерот, пак, во своите настапи постојано потсетува дека Македонија ќе добие датум за преговори во јуни.

– Добивме датум за преговори – јуни 2019. Дотогаш, заедно со нашите пријатели и партнери од Европската комисија, заеднички ќе работиме на остварување на критериумите, односно на имплементација на фазите од Договорот со Грција и финализација на реформите. Многу сме блиску до нашата цел да ги достигнеме стандардите на ЕУ. – рече Заев минатата година во интервју за Дојче Веле.

Инаку РСЕ информира дека Европската комисија ќе го објави овогодишниот пакет на проширување на 29 мај, во кој меѓу другото ќе им препорача на земјите – членки отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова, како што наведува РСЕ во текстот, потврдено е од авторот на препораката, европскиот комесар за проширувањето Јоханес Хан.

Според веќе воспоставената пракса, министрите за надворешни работи на ЕУ разговараат за прашања за проширување и наодите од пакетот за проширување, на првиот редовен состанок, веднаш по објавувањето на овој документ.

Следниот редовен состанок на министрите на ЕУ е закажан за 18 јуни. Меѓутоа, како што за РСЕ објаснуваат европските извори, на некои земји во ЕУ им е потребна согласност од националните парламенти, па оттука временската рамка помеѓу објавувањето на пакетот за проширување и следниот министерски состанок е многу мала за да се испочитуваат сите процедури. Затоа најверојатно дебатата за проширувањето ќе се помести за министерски состанок во јули.

Финска, која го презема претседателството на ЕУ на 1-ви јули, на својата агенда го закажа министерскиот состанок на 23-ти јули.

Главната, ако не и единствена тема, на овој состанок ќе биде отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, во согласност со препораката на Европската комисија.

– Сепак, според расположението на земјите – членки, како што оценува РСЕ, само Северна Македонија може да се надева на позитивен исход во јули, бидејќи се смета дека ги исполнила сите услови за отворање на преговорите, вклучително и решавањето на билатералните спорови со соседните земји. – оценува РСЕ.

Изворите од ЕУ го потврдуваат напредокот на Албанија во исполнувањето на критериумите, „првенствено кога станува збор за правосудските реформи, меѓутоа, според кажувањата на многу официјални претставници на ЕУ, внатрешната политичка ситуација „засега” не е погодна за носење на одлука за отворање пристапни преговори со ЕУ, наведува РСЕ.

Инаку, без оглед на дебатата и принципиелната одлука која можат да ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во јули, сериозните прашања поврзани со проширувањето, како што е отворањето на пристапните преговори со ЕУ, е во исклучива надлежност на шефовите на држави и влади на земјите-членки.

Минатата година, кога беше одржана начелна дебата за почеток на пристапните преговори со Македонија, ЕУ преку заклучоците се обврза дека „ќе го одреди патот за отворање на преговорите за пристап на состаноко во јуни 2019 година”. Во случај на прескокнување на состанокот во јуни, што се повеќе и повеќе е сигурно, тогаш конечната одлука за почеток на пристапните преговори треба да се очекува на следниот редовен собир на шефови на држави и влади на земјите членки на ЕУ, кој ќе се одржи во октомври оваа година, констатира РСЕ.