Македонија 08. ноември 2019. / 12:24

Ремек делото на Рашковски чист фалсификат!?

Ремек делото на Рашковски чист фалсификат!?

Пулицерова награда за новинарите, кои ќе откријат трошење на барем еден денар буџетски средства за воведувањето на хеликоптерската единица за итни медицински цели, или награда за животно остварување од областа на актерството за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски? Оваа дилема се јави по брифингот со новинарите, што го одржа владиниот генсек на кој го промовираше проектот за ХЕМС (хеликоптерски итен медицински систем) и САР (хеликоптерски услуги за пребарување и спасување).

Вчера доцна попладне новинарите ја добија физбилити студијата, што за оваа цел за Генералниот секретаријат на Владата ја изготвила здружението Национален центар за почисто производство и напредни менаџмент политики. Во обемната студија се потенцира дека како модел на јавното приватно партнерство се препорачува концесија за јавна услуга. И веднаш се забележува дека финансирањето, организирањето и воспоставувањето на јавното приватно партнерство се на товар на приватниот партнер, а за возврат на вложените средства, приватниот партнер добива авторизација/ право да прибира одредени надоместоци/ такси.

А, само малку подолу во текстот се повторува дека трошоците за услугите на годишно ниво ќе изнесуваат 9 милиони евра за најмалку 8 години и оти оваа вредност нема да предизвика финансиски импликации по буџетот на Република Македонија, ниту дополнителни трошоци за нејзините граѓани. И ова апсолутно не е точно. Зашто, главните извори за финансирање на приватниот партнер ќе произлегуваат од аеродромски такси, процент од патарините и европски средства од Еуроконтрол. Е, сега, како ќе нема дополнителни трошоци за граѓаните, кога и патарините и аеродромските такси паѓаат на нивни грб? Дали Владата однапред дава ветување дека на сметка на хеликоптерската помош во иднина нема да поскапат ни патарините, ни аеродромските такси, без да каже кој процент од сегашната нивна висина ќе оди на сметката на фирмата САРХЕМС, која е регистрирана три недели пред добивањето на тендерот и е ќерка фирма на шведската Свидиш хеликоптер конзорциум? Истите дилеми се однесуваат и на осигурувањето на граѓаните кај домашните осигурителни компании иако тука главниот акцент се става на „културата на живеењето“ кај западните држави и нивното животно и патничко осигурување.

Интересно е што изготвувачите на студијата признаваат дека за ваков вид услуги не е направена претходна анализа.

Друг мошне значаен сегмент е дека за потребите на САРХЕМС како најсоодветен објект е определен постоечкиот Центар за обуки на пилоти на аеродромот во Петровец. Притоа, се препорачува приватниот партнер да го употребува, одржува и стопанисува објектот на јавното приватно партнерство, па оттаму и да ги одреди и условите за управување. Но, Рашковски на брифингот беше категоричен дека овој Центар не е во корелација со договорот и оти тој нема да биде ставен на располагање на приватниот партнер.

Ако САРХЕМС целосно стопанисува со Центарот за пилоти во Петровец, оправдано се поставува прашањето дали во него, на пример, веќе утре ќе има потреба од обука на пилоти за потребите на полицијата и армијата, дали таа ќе биде бесплатна и за нив, а ако не е, кој ќе треба да ја плати и со чии пари? Некој ќе ги чести Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана или ќе треба они да платат? А, тие пари сигурно не можат да бидат „црни“, туку средства од нивните буџети, што произлегуваат од државниот.

Во овој контекст, што ќе се случува ако САРХЕМС го прошири бизнисот со земјите од соседството, кои немаат вакви услуги? Основно, рите за обука на летечкиот кадар, на пример, нема да одат во џебот на Македонија, туку во неговиот џеб.

Во делот од студијата насловен како Проценка на вредноста за пари, пак, меѓу другото се вели дека целиот проект ќе чини 42 милиони евра. Но, оваа сума е предвидена за по завршување на јавното приватно партнерство, кога Македонија ќе се стекне со функционален систем ХЕМС, САР, обучен персонал, систем за обука на персонал, искуство и експертиза и материјално-технички средства. И што е најчудно, тука се пресметува сума за нешто, што сега е државно, а со договорот треба да стане приватно! И со тој договор не е пресметана никаква вредност, што се отстапува, тулу се вели дека нема да се даде ни денар од буџетот!

Индикативно е што Вечер.мк објави дел од извештајот на комисијата за спроведување на јавната набавка, што генералниот секретар Рашковски и Владата не го објавуваат. Во него, на пример, се забележува дека САРХЕМС доцнел со доставувањето на потребните документи, што биле потребни за учество на тендерот, како и тоа дека двајца членови на комисијата не се согласиле со извештајот и дале одвоени мислења, по што недостасувале и нивните потписи.

Во анализата натаму се вели дека секој воздухоплов од ваков тип на запад бил вклучен во приближно 700 мисии додека во Македонија се предвидува побарувачка од 300 до 500 мисии годишно.