Македонија 27. април 2020. / 13:08

Различни аршини на обвинителството-Зошто Струмичани се привилегирани со казни од 500 евра?

Различни аршини на обвинителството-Зошто Струмичани се привилегирани со казни од 500 евра?

Звучи можеби неверојано, но вистина е-дури и во време на светската пандемија обвинителството има различни аршини во одредувањето на казните за еден ист прекршок, а тоа е непочитувањето на полицискиот час! Така, во пракса, уште еднаш, по којзнае којпат се потврдуваат различните аршини во (не)почитувањето на законските одредби.

За сите оние кои не го почитуваат полицискиот час и бидат фатени од страна на полицијата, таа изготвува белешки, што потоа ги проследува до основните јавни обвинителства. Обвинителствата, пак, ја одредуваат висината на казната, што треба да претставува мерка за предупредување за граѓаните, кои не ги почитуваат правилата, но и предупредување за оние, кои имаат намера да сторат такво нешто.

И ако внимателно се следат секојдневните информации ќе се види дека основните обвинителства казните ги одредуваат од ракав. Па така, на пример, во Скопје, Битола и други градови казната, што се одредува, изнесува 2.000 евра. Износот за наши прилики не е баш мал ни за потценување. Особено кога се соочуваме и со економска криза во која секојдневно луѓе остануваат без работа.

Но, од друга страна, пак, за истиот прекршок ибвинителството во Струмица одредува казна од 500 евра. Или, само една четвртина од таа што треба да ја платат граѓаните во Скопје, Битола…

И сосема логично се поставува прашањето зошто Струмичани се привилегирани?! Во што тие се разликуваат од сите останати граѓани во државата?! Во ништо.

Но, ова остава простор обвинителството да размисли и да ги утврди правилата на игра, што ќе важат за сите подеднакво.