На барање на норвешката страна, министерот за надворешни работи Никола Димитров телефонски разговарал со министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ине Ериксен Сореиде.
Како што соопштија од МНР, Димитров и се заблагодарил на норвешката влада, која одобри помош во вредност од 3,2 милиони евра за итна реализација преку програмата на УНОПС за Македонија, Србија и Црна Гора, за медицински материјали и препарати за справување со пандемијата. Од тие средства беа набавени респиратори со што беше зајакнат капацитетот на здравствениот систем во справувањето со Ковид-19.
Димитров исто така упатил благодарност и за Проектот наменет за изработка на систем за процесирање на класифицирани информации во Министерството за надворешни работи, што исто така е финансиран од Кралството Норвешка.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните состојби поврзани со здравствената криза, предизвиците и можностите за поддршка, ги споделија искуствата и праксите при справувањето со неа и уште еднаш беше истакната потребата од солидарност и соработка – стои во соопштението од МНР.
Шефовите на дипломатиите изразиле задоволство од досегашниот развој на билатералните односи и соработка, а се осврнале и на блиската соработка во мултилатералата.