Јас верувам дека прашањето за Гоце Делчев ќе го решиме во духот на заедничката историја каде што двете нации, двата народа, и македонскиот и бугарскиот, ќе останат горди народи и тука нема дилеми. Драго ми е што нема дилема околу македонскиот јазик и македонскиот народ. Тоа е наша реалност денеска, тоа е признаено, потпишано.
Ова, меѓу другото, го изјави екс-премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, на вчерашната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање поврзано со последната изјава на бугарскиот премиер Бојко Борисов за можното вето на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ доколку не ги прифати условите од декларацијата на бугарското собрание од октомври минатата година.
Ставот на Заев и децидното споменување на терминот „заедничката историја“ уследи, откако претходно во два наврати тоа избегна да го стори.
Но, сега отворено се поставува прашањето од каде произлегуваат различните ставови на Заев и на шефот на државата Стево Пендаровски, особено пред најавеното продолжување на работата на мешовитата македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците.
За претседателот Пендаровски, пак, клучниот термин во Договорот за добрососедство е „споделена историја“. Во своето последно гостување во емисијата 360 степени тој изјави:
-Клучниот израз употребен во тој билатерален документ е споделена историја, не заедничка историја во која вие ќе кажете дека до 44-та било се бугарско и ти само треба да потпишеш, него личности и настани и не сите до 44, него некои од нив, некои настани и некои луѓе, кои се битни и за тебе и за мене, и за Бугарија и за Македонија. Во тоа е изразот споделена историја, тебе ти е битен и мене ми е битен и затоа го изучуваме и затоа го почитуваме. И затоа во одредени ситуации договараме и заеднички да го чествуваме, како Кирил и Методи. Ако ви текнува и порано, уште пред да биде комисијата да работи, имаше и бугарска делегација и македонска делегација одеше во Ватикан итн. Ако се потпреме на тој израз, кој е составен дел на билатералниот договор, ние многу бргу ќе најдеме заедничко решение. Во спротивно, ако инсистираме дека до 44-та е заедничка историја или читај бугарска историја само, немаме за што да преговараме.
Иако во Договорот стои терминот „заедничка историја“, делува несфатливо „расштиманиот“ оркестар на шефот на државата и лидерот на владејачкиот СДСМ и претендент за нов премиерски мандат Зоран Заев.