Силни критики во јавноста предизвикаа сведочењата на македонските граѓани кои со хуманитарните летови организирани од Владата, се враќаат во својата земја.
Откако почна процесот на организација на летовите од различни земји, додека се вратат во Македонија, граѓаните се соочиле со различни информации во однос на чинењето на авионскиот билет.
Тие обвинуваат за тотален хаос и дезорганизација, не само за цените на билетите, туку за неколкучасовното чекале на аеродромите.
На пример, за летовите кои вчера се реализираа од Германија, тие сведочат дека, откако биле исконтактирани по Вибер им било кажано дека билетот ќе чини 110 евра, за подоцна кога се вратиле им бил даден Договор во кој пишува дека трошоците за вкупниот лет се 40 000 евра, односно дека вкупно 180 граѓани треба да платат по 222 евра. Притоа, Договорот мора да биде потпишан од страна на секој патник, задолжително или во спротивно, тие биле информирани дека нема да бидат пуштени од авионот.
По информациите за различните суми, пративме прашања до Влада, од каде ни одговорија дека не е точна информацијата дека на патниците однапред им била соопштена цената на летот по патник одделно
Никогаш не била соопштена од напред позната цена на летот по патник одделно. Таа се дефинира откако ќе се затвори листата на патници по авион, после што цената на летот се дели со бројот на патници, и така се утврдува конечната цена што секој патник е должен да ја плати откако ќе пристигне во државата. За условите под кои се организираат овие летови, сите наши граѓани затекнати во други држави навреме и детално се информирани. Еден од тие услови е и обврската да потпишат договор за исполнување на нивниот дел од обврските за спроведување на овие летови, како што се дека прифаќаат да бидат сместени во државен карантин во објект што го обезбедува Владата без никаков финансиски надомест, и да ги подмират трошоците за авионскиот превоз.За оваа утврдена процедура се запознаени сите патници, велат од Владата.
Инаку, до сега, заклучно до 14 часот вратени се 1842 наши државјани од Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија со седум авиони и тоа од: Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, а 150 граѓани со три хуманитарни конвои (автобуси и автомобили) од Црна Гора, Словенија и Истанбул.
Овие активности беа реализирани со пријавување на македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата.
Владата потоа организираше јавен повик за организирање на авионски превоз, на кои беше кажано дека ќе се избере најевтината понуда за организирање летови од страна на авиокомпаниите.