Македонија 03. јули 2018. / 15:47

Радмила Шеќеринска: Идната недела добиваме покана за членство во НАТО

Радмила Шеќеринска: Идната недела добиваме покана за членство во НАТО

Македонија следната недела ќе ја добие поканата за членство во НАТО, а за неколку месеци ќе почне процесот на ратификување на протоколите, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која информираше дека денеска на владина седница е усвоен Стратегискиот одбранбен преглед.

Министерката Шекеринска напомена дека земјата на церемонија во Брисел на Самитот на 11 и 12 јули ќе ѝ биде врачена поканата за членство и оти конечно Македонија ќе стане дел од најмоќната воена Алијанса во светот.

Шекеринска рече дека Македонија од 2004 година немала стратегиски одбранбен преглед и оти конечно како што и пред една година оваа Влада најави овој важен документ во сферата на одбраната е донесен.

„Успеавме да го завршиме во рок од една година овој амбициозен документ којшто е клучен и со којшто се дефинира одбраната и нејзиниот развој, се дефинира агендата во сферата на одбраната“, изјави Шекеринска и додаде дека Македонија ќе добие одбрана согласно стандардите на НАТО која ќе дава придонес за безбедноста на државата, но и целиот регион.

Новиот Стратешко одбранбен преглед е усогласен со новите предизвици на глобално ниво и во неговата изработка биле консултирани сите релевантни институции кои се надлежни во оваа сфера, меѓу кои и претседателот на државата. За одредени делови од Стратешкиот одбранбен преглед, како што рече Шекеринска, одлуките биле носени консензуално со Кабинетот на претседателот.