Македонија 28. ноември 2020. / 12:45

Професорот Малески прашува: Дали е Заев на прагот да оствари уште еден подвиг?

Професорот Малески прашува: Дали е Заев на прагот да оствари уште еден подвиг?

По контроверзното интервју на Заев, со реакција се јави поголемиот дел од македонската јавност. Свој коментар изнеси и првиот министер за односи со странство, Денко Малески. Тој вели дека Заев ја прогласил Бугарија, довчерашниот крвник, за најголем пријател.

– Не знам дали ваквиот став е последица на сеќавањата од младоста кога се дружел со комшиите од Бугарија на меѓуграничните средби или од дружењето со политичарите од Западна Европа денес, но Заев е во право, зашто од аспект на меѓународната политика, Бугарија има потенцијал да стане наш (нај)важен стратешки партнер на Балканот, пишува во колумна за Плусинфо, Денко Малески.

Професор Малески вели дека мала земја како нашава и нема избор во Европа без граници освен да се отвора кон соседите.

– Оттаму, добро би било нашата интелигенција да се подготви за новата соработка но и натпревар кој ја чека ако сака, во допир со поголемата бугарска култура, да го одбрани нашиот јазик и нашата посебност. Алтернативата да лежиме во ладовина и да останеме последната „конзерва“ на Балканот не постои. Европските и светските процеси се такви што насила ќе нѐ отворат, вели Денко Малески.

Малески вели дека југословенската приказна, која и тој сакал и се залагал да продолжи – е завршена а дека отпочнување на преговорите со ЕУ е прашање од животна важност за Македонија. Заради стабилноста, безбедноста, просперитетот, демократијата, фундаменталните слободи и владеењето на правото.

– Лексиката и тонот на интервјуто на македонскиот премиер слободно оставете ги на страна. Политиката има една поинаква логика од онаа на научните дебати. Тоа го знам од искуствос, додава професорот.

Не големите интелектуални умови на Полска туку електричарот Лех Валенса го изведе превратот во земјата.

Вредноста на ова последно отворање на Зоран Заев кон Бугарија е што ја стави бугарската политика пред невозможна дилема: дали да остане на ветото и „да го пушти Заев низ вода“ предизвикувајќи криза во Македонија, или да се откаже од ветото и со владата на Заев да соработуваат во наредните четри години. Со определени писмени гаранции од наша страна, мислам дека изборот е јасен.

– Дали е Зоран Заев на прагот да оствари уште еден подвиг после оној со Грција? – пишува Малески.