Професорката Фердезе Велиу Мемеди од Гостивар го обвинува директорот на Општинското техничко училиште, Ибраим Асани, кој е сопруг на пратеничката на ДУИ, Мирсада Емини Асани, за нелегално отпуштање од политички причини, пишува Алсат.
Министерството за образование го назначи Асани на функцијата пред три недели откако министерството му ги одзеде надлежностите на градоначалникот на општината, Арбен Таравари во сферата на образованието. Професорката вели дека четири години предавала историја во ова училиште откако претходниот професор се пензионирал. Но, никогаш не добила решение за работа. По објавениот конкурс на 8 ноември, како што вели професорката, нејзиниот договор не бил продолжен, а на нејзино место бил донесен нов професор, пишува Алсат.
Јас ги исполнив сите услови, но директорот пресуди спротивно на моите документи за работа. Тој вработи активист на партијата ДУИ, кој е претседател на огранокот во селото Равен. Тој вработи почетник и реши да ме исклучи мене со работно искуство на истото место, каде пред четири години ги исполнував условите, а сега веќе не сум ги исплонувала, изјави Фердезе Велиу Мемеди, Професорка.
Професорката вели дека од управата и Министерството за образование образложиле дека наводно не ги исполнува законските услови бидејќи имала диплома од два предмета, односно како професор по историја, а како секундарен предмет ù е географија. Таа додава дека со таа диплома предавала 4 години, додека на состанок пред претседателските избори, правните служби на министерството потврдиле дека ги исполнува условите. Професорката вели дека и претходно се соочила со проблеми и во Министерството за образование.
Еднаш ми ги загубија документите во министерството. Името ми беше во министерството, но документите ми беа изгубени. И кога отидов во министерството да ги побарам документите и кога реков дека ќе го пријавам случајот во Алсат тие да го заташкаат случајот ме однесоа горе кај шефот на кабинетот со својот соработник. Повикаа некоја правничка Милка, презимето не ù го знам за да видат дали мојата диплома е соодветна. Ја виде мојата диплома и реши во моја корист. Таа рече дека е соодветна за работата што ја врши и за потребната работа. Но, по изборите сè се смени“ рече Фердезе Велиу Мемеди, професорка.
Директорот на гостиварското техничко средно училиште, Ибраим Асани, за Алсат вели дека одлуката не била само негова, туку и на училишниот одбор. Според директорот, таква одлука била донесена затоа што професорката не ги исполнувала условите.
Можам да кажам дека професорката е многу добар учител. Жал ми е што оваа ситуација дојде до тука. Но, таа работеше уште две години тука со нас како професорка по историја, затоа што немаше контра-кандидат на конкурсот и ние го примивме истиот кандидат. Во овој случај има двајца кандидати. Професорката Фердеза Велиу и професорот по историја Адмир Сулејмани. Тука самите зборови можат да бидат злоупотребени. Тука нема никаква врска партиската работа, рече Ибраим Асани – директор на Гостиварското техничко средно училиште.
Директорот додава дека добивал закани од сопругот на професорката затоа што не ù бил продолжен ангажманот.
Мислам дека професорката веројатно малку претера бидејќи ми се закануваше нејзиниот сопруг, јас навистина немам одговорност. Жал ми е, сакав таа да се вработи во нашето училиште, но законот не овозможува, истакна Ибраим Асани – директор на Гостиварското техничко средно училиште.
Но, професорката Фердезе тврди дека директорот вработил наставници кои немаат ниту диплома. Инаку, Алсат дознава дека Државниот просветен инспекторат заклучил дека уште 16 наставници во гостиварските училишта не ги исполнуваат условите и оти треба да бидат заменети со други.