Македонија 22. септември 2018. / 15:21

Проф. Огинар: Референдумот задира длабоко во македонската држава и народ и никогаш и не смееше да биде зачнат

Проф. Огинар: Референдумот задира длабоко во македонската држава и народ и никогаш и не смееше да биде зачнат

Нестор Огинар, долгогодишен професор во Њујорк, активист на македонската дијаспора во САД и политичар даде ексклузивно интервју за „Економски Лидер“ со осврт на Договорот од Преспа.

Уште десет дена до референдумот. Какви поседици ќе донесе позитивниот и негативниот исход? Референдумот е консултативен. Дали на овој начин власта си осигура терен да го истурка процесот по секоја цена?

Веднаш ќе напоменам дека ви одговарам имајќи го несреќниот „Преспански Договор” од Нивици пред мене како потсетник за еден историски настан кој што нема преседан не само во нашата македонска историја туку и во светската.

Какви и да бидат последиците од престоечкиот „референдум” и каков ќе биде исходот, позитивен или негативен, за мене паѓа во сенката на трагичната поделеност на македонскиот народ токму околу ова прашање и последиците ќе ги чувствуваме сите ние уште многу години.

За мене воопшто не е битно прашањето дали „референдумот” е советувачки или обврзувачки. За мене е многу побитно што тој е неуставен, незаконски и нелегитимен, што е поставен од нелегална влада и што по својата содржина задира толку длабоко во суштествувањето на Македонија како држава и на македонскиот народ како нација што никогаш и не смееше да биде зачнат ниту во нај не македонскиот ум.

После одлуката на Уставниот Суд станува кристално јасно дека оваа влада ќе направи сé што може, имајќи ја помошта од Надворешните држави ДА го фалсификува „референдумот” и да го прогласи за успешен. Тоа се методи со кои што владеат автократски режими. Лично сум убеден дека македонскиот народ кој што го бојкотира „референдумот”, во кој што припаѓам и јас, мојата сопруга Милица Огинар и сето мое семејство, ќе му зададе сериозен удар на овој автократски режим и ќе успее, барем до некаде да ја разбуди подзаспаната морална свест на оние во светот кои што остануваат молчеливо сведоци на грозоморниот културен и антрополошки геноцид кој што организирано и систематски се врши врз Македонија и врз македонскиот Народ токму во почетокот на 21 виот век.

На што се должи оваа дипломатска офанзива? Изминативе денови Скопје е центар на збиднувањата на европските политички елити.

Македонија и Скопје не се под дипломатска офанзива, јас би ја нарекол инвазија или окупација, само последниве десетина дена.

Тој процес што јас го нарекувам евроатлантски неоколониализам трае уште од осамостојувањето на Македонија од 1991 година и е присутен на повеќе начини и преку директно и очигледно мешање во внатрешните работи на Македонија, како на пример Соросовото влијание врз промената на македонското знаме, па преку дрското мешање на повеќето дипломатски мисии од Соседните Држави, од Европа и од Соединетите Американски Држави во внатрешните работи, а за воените и вооружани конфликти во Македонија секому му е веќе јасно.

Од мојот светоглед, оваа „дипломатска офанзива” како што вие ја нарекувате, се должи на центрите на моќ во Брисел, Берлин, Лондон, Вашингтон и нивните глобални геостратешки интереси што се судираат на македонска почва.

Платното на кое што Матис, Мичел, Хан, Столтенберг ги цртаат контурите на големата руска мечка е само црвена позадина на која што ЕУ и НАТО очигледно ја претвораат Македонија истовремено во воен полигон, но и во бришан простор на кој што имаат намера да го истурат товарот од нивните несреќни војни кои се водат на Блискиот Исток.

Иселувањето на младите кои повеќе од сигурно нема да ги интересира за неколку години ниту европска-интеграција, ниту името, туку голата живеачка надвор од земјава. Ќе останеме ли земја на разединети, раскарани и полни со злоба меѓу вечната борба на сципите и харибдите или вечни мечтатели за подобра иднина?

Ми поставувате повеќекратно прашање на кое што морам да одговорам со една доза на реализам а и на метафизика.

Треба да знаеме дека животот на една личност, на еден народ, на една нација, пред се е морална драма што секој од нас ја пишува и живее со сопствен дар и по сопствен избор. Феноменот на иселување на младите од Македонија, но не само на младите, не ни е својствен само на нас. Човештвото од секогаш било жива материја носено од центрифугални и центрипетални сили според законите на гравитација. Како човек кој што од рана младост излегол од Македонија, како сопруг, татко и дедо па и како професор, убеден сум дека причините за кинетичкиот порив во нас се последица на повеќе чинители а економскиот е само еден од нив. Јас не стравувам од желбата на младите да ја видат Европа, Америка и светот, јас повеќе стравувам од недостатокот на визија на тие млади генерации да сфатат каде одат и што оставаат зад себе.

Ако можел развратниот син во Библијата после многу години да се врати во домот на својот татко, ако можел Одисеј, после сите негови патешествија да и се врати на неговата сакана Пенелопа, тогаш зошто не би можело „враќањето” на било кој од нас да биде одговор и Анти доза на едно време невреме во кое што преовлдувааат мрачни сили на светските сеачи на омразата и злото.

Сакам да завршам со овие зборови: најдлабоко сум убеден дека најдобрата историска ера за нашава жива генерација на Македонки и Македонци е оваа што ни се нуди како провидение и како редок предизвик да учествуваме во воскресението на една идеја и идеал и на еден наш заеднички дом, кој го викаме Македонија, знаејќи дека корените на Македонскиот древен даб се всадени длабоко во почвата и на Вардарска и на Беломорска и на Пиринска Македонија и дека неговата разновидна крошна не покрива сите нас во една неделива целост. Затоа, мораме да веруваме во себе, во ближниот и да го бараме најубавото во нас, постојано носејќи се со мислата дека ако ја спасиме Македонија ќе го спасиме и светот во просторот во кој што сме само привремени патници.