Македонија 15. мај 2020. / 10:52

Проф. Каракамишева: Невозможно е на правен начин да се врати политичката влада на СДСМ

Проф. Каракамишева: Невозможно е на правен начин да се врати политичката влада на СДСМ

Или избори во јуни или враќање на политичката влада на СДСМ и редовни избори во ноември или декември. Ова е најновата, повеќе закана, отколку конструктивен предлог на владејачката партија спроти одредувањето на датумот за одржување на парламентарните избори.

Но, ваквата закана наликува на издишан политички балон и за тоа има неколку причини.

Професорката по уставно право Тања Каракамишева-Јовановска смета дека овие изјави на СДСМ не одат во прилог на демократските процеси и јакнење на политичкиот консензус во земјата и се изблика на политичка немоќ во јавноста. Според неа, невозможно е на правен начин да се изведе враќањето на политичката влада на СДСМ и продолжување со политичките активности до декември.

-Прво, ниту временскиот тајминг за одржување на редовни избори им е погоден согласно уставните рокови, и второ, ниту владата може да ја избере друг орган освен Собранието, вели проф. Каракамишева.

Таа е децидна дури и сите министри денес да поднесат оставка, дури и Оливер Спасовски денеска да сака да се повлече од позицијата технички претседател на влада, тоа не може фактички да го стори, затоа што во чл. 93, став 5 од Уставот јасно е утврдено дека владата останува на должност до изборот на нова влада.

-Со оглед дека Уставниот суд во два наврати се изјасни дека нема да одлучува за одлуката за самораспуштање на Собранието, оваа уцена на СДСМ кон опозицијата е целосно неиздржана и манипулативна, бидејќи само Собранието може да избере нова влада и никој друг, категорична е проф. Каракамишева.

СДСМ не излезе со став како мисли правно да го изведе враќањето на неговата политичка влада. Но, од почетокот на функционирањето на техничката влада не пропушта можност во кампањата и пропагандата да истакне дека таа е предводена од СДСМ.

Во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, првично изборите беа закажани исто за април 2016 година, потоа за јуни, за на крај да се спроведат во декември. Тогаш функционираше Собранието, заради тоа што неговото прво распуштање беше со одлука за одложено дејство, што пак Уставниот суд ја укина.