Скандалот со снимањето во Јавното обвинителство покажува уште еднаш како функционирал режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, рече на денешната прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Има сериозна истрага, во сите институции. До детали ќе се провери која била намената на оваа инсталација од минатото, дали и кој ги слушал разговорите во правосудството. Ќе се открие кој ја нарачал опремата, кој ја купил, кој ја инсталирал и кој ја користел – и секој кој што ги пречекорил овластувањата ќе одговара пред правдата! И ова ќе важи за секоја институција. Следува темелна проверка во секоја институција. Времето на снимање и прислушување заврши. Остатоците од режимот на Груевски ќе бидат отстранети од сите пори на институциите. За овој скандал ќе има одговорност. – потенцираше Спасовски.
Спасовски кој во времето кога се инсталира оваа опрема, беше технички министер за внатрешни работи, одговорност бара од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој побара раководството на ВМРО-ДПМНЕ да одговори за нивните дејствија во времето кога оваа опрема била инсталирана.
– Мицкоски треба да одговори за неговата улога во власта кога бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Штетата што ја направи криминалното ВМРО-ДПМНЕ остави силни последици кои не можат да се отстранат преку ноќ, но ние нема да застанеме додека не го отстраниме остатокот од криминалот со цел да обезбедиме држава по европски правила. Свесни сме за грижата и критиката на граѓаните дека од режимот на Груевски се уште има остатоци низ општеството и институциите. Ве уверувам, силно сме посветени на деинсталирање на груевизмот – при тоа да не заборавиме дека цели 12 години траеше оваа криминална инсталација, во секој дел на општеството. Ние до сега имавме само година и пол за справување со оваа децениска катастрофа која и се случи на Македонија. Секој нов откриен случај од криминалното владеење на режимот ни дава дополнителен мотив да продолжиме уште посилно во борбата против корупцијата и во борбата за владеење на правото. – рече Спасовски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ претходно на својот Фејсбук профил истакна дека одговорноста за прислушкуквањето е во власта.
– Рекоа дека прислушкувањето започнало од септември 2016та година, а од 2 септември 2016та година министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски од СДСМ. (Еден период како технички, а потоа како полнозначен министер во владата на Заев) што значи дека ако имало прислушкување тоа е во целиот период додека овој човек е министер и во целиот мандат на оваа влада на Заев. Значи согласно засега достапните информации ова прислушкување се случувало во целиот период додека Заев е премиер, Спасовски министер, а Верушевски советник во Владата, истиот тој советник добро познат од аферата Големото Уво и бомбите на Заев. И клучното прашање е кој располага сега со разговорите на обвинителството и судството, кој ги држи уценети, кое обвинителство сега ќе ги истражува разговорите за да утврди кој диктира обвиненија и суди неправда (секако не смее тоа да биде политизираното СЈО), какви разговори има и дали поради тие разговори премиерот Заев предвреме ги погодуваше точните пресуди и висини на казни. Дали поради тие разговори одредени судии се исплашени, па судат во неразумно време, се кршат процедури, закони, правила, дали поради тие разговори одредени обвинители го амнестираат вистинскиот криминал? – напиша Мицкоски.