По поканата за пристапни преговори за членство во НАТО, Алијанста испорача две делегации на НАТО во Македонија предводени од Генералот Скапароти и директорот за европски партнерства на НАТО МекКи.
Претседателот Ѓорѓе Иванов не прими ниту една од овие делегации.
Генералот Куртис Скапароти оствари средби со премиерот Зоран Заев, со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, но не и со претседателот Иванов.
Од Кабинетот на претседателот Иванов, на прашање на НОВА ТВ зошто претседателот не се сретнал со Врховниот командант на НАТО, одговорија дека овие денови му биле единствени на агендата за одмор.
„При најавата на посетата на командантoт на Командата на американските сили во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генералот Куртис Скапароти, на Република Македонија, од страна на Кабинетот на Претседателот беше укажано дека тие се единствените денови, кога Претседателот на Република Македoнија, согласно неговата агенда, е на одмор“, пишува во одговорот што од Кабинетот на Претседателот беше испратен до НОВА ТВ.
Ова беше втора посета на висока делегација на НАТО во Македонија, која не остварува средба со шефот на државата.
На 25 јули, делегација од НАТО предводена од директорот за европски и глобални партнерства на НАТО, Џејмс МекКи, допатува во Скопје за да започнат пристапните преговори, со цел Македонија да стане 30 членка на Северно Атланската Алијанса.
Последен пат Иванов прими делегација од НАТО на почетокот на годинава кога во посета на Македонија беше генералниот секретар Столтенберг.