Македонија 09. јули 2019. / 13:24

Премиерот – жртва на социјален инженеринг

Премиерот – жртва на социјален инженеринг

Политичките процеси имаат тенденција да се повторуваат, да се вратат на точката каде што започнале пред револуционерниот подвиг или да креираат околина со која некои ќе прават паралели со други држави. Додека одговор за појавата на некој општествен предизвик се бара во минатото или во документ со кој се решил спор, историјата на технологијата не се повторува! Но кога машините се градат да реагираат според одредени програми, луѓето остануваат подлежни на секакви влијанија.

Пишува: м-р Симона ЈОСИФОВСКА

Вчера, доцна вечерта, аудо-бум ги преплави нашите медиуми и социјалните мрежи. Таргет овој пат беше нашиот премиер Зоран Заев.

Премиерот е измамен од страна на руски комичари, кои овој пат искористија социјален инженеринг за да направат обид да извлечат одредени информации. Разговорот, освен во делот за македонската црква (што некој треба да ја потврди автентичноста), е чамче-муабет.

Нема да навлегувам во содржината, но едно е јасно – оваа држава нема никакви механизми да ги заштити највисоките функционери од манипулирање!

За некој малку поупатен, со едноставни апликации, поготово за ВацАп, како ВацАпМонитор, Аннотифај, може да се контролираат активностите на оваа апликација без потреба да се инсталира нешто на уредот кој го пратиме, како и да се читаат пораки и да се има пристап до избришаните. Секако не е толку едноставно, но не ни комплицирано.

Многу е интересно од страна да се слушаат аудио бомби, но реално ова е сериозен пропуст од страна на службите кои се задолжени за протоколот, бидејќи автентичноста не успеале да ја потврдат. Претпоставувам дека некоја формалност постола, но очигледно е површно проверена автентичноста.

НЕ премиере, не станува збор за да се направи нешто, стратегии и чуда, за резултатот од нападите, нас ни е потребно целосно, структурно, длабоко, прво образование, а подоцна и имплементација во областа на кибер безбедноста. Додека сериозните држави инвестираат во оваа област, нас властите не учат како да сме живееле со Албанците, со кои веќе живееме и се почитуваме со векови.

Денес е Заев, утре ќе биде некој друг, но заштита мора да има и тоа не само декларативно.

Јавноста бурно бара одговорност и одговори и би било несериозно да не се преземе ништо. А тоа што ќе се преземе не е да се каже кој кажал лажна вест, туку сериозно да заседаваат надлежните структури (ако имаат стручност, де) и да ги проверат протоколите, ако има пропуст, да ги надополнат и да ги имплементираат со експерти од таа област.

П.С. Благодарност за можноста тоа што сега го учам, сајбер безбедност, да го видам во пракса.

П.П.С. Премиере, барем делиме ист став за заштита на границите меѓу Србија и Косово.