Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше и го означи отворањето на 21-та Тортијада, настан што го организира Здружението на лица со телесен инвалидитет Мобилност од Струмица.
На настанот свои обраќања имаа и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски и Претседателот на Здружението на лица со телесен инвалидитет Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски.
„Оваа традиционална манифестација, што се одржува 21-на година до денес, носи преубави торти пред нас. Но оваа Тортијада сведочи и дека се можни искрени и верни пријателства, што со години ги негуваме ниe со другарување помеѓу нас и грижа едни за други. Ова наше пријателство е и силна порака до целото општество, дека цврсти пријателства се можни, ако ги градиме со разбирање едни за други, со топлина и со љубов“, истакна Заев во своето обраќање.
Премиерот меѓу другото истакна дека за првпат оваа година Владата донесе програма за персонална асистенција на лица со попреченост, целосно финансирана од буџетски средства. Целта е независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата, посочи Заев.