На македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Берлин му беше врачена наградата за човекови права за 2020 година што ја доделува Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Во своето обраќање по овој повод премиерот истакна дека се чувствува благодарно и скромно примајќи ја престижната награда додавајќи дека парите од наградата ќе ги донира во државниот солидарен фонд во борбата против Ковид-19.
– Оваа награда, која е создадена на иницијатива на високопочитуваните Карл и Ида Фејст и која е инспирирана од нивната долгогодишна борба и поддршка за правата на работниците и нивното движење, е комплементарна со мојата лична филозофија – живот за сите, еднаквост за сите, дијалог пред сè, конфликт никогаш, порача Заев.
Тој потсети, како што рече, и на двата клучни договора што ги постигнавме со нашите соседи.
– Историјата ја искористивме како алатка за градење на иднината. Човековите права и правото на самоопределување на секој граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од него. Затоа, непобитен е фактот дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност, нагласи премиерот.
На крајот, тој ја посвети наградата, како што рече, на сите генерации што ја граделе и градат државата.
– Борбата за демократија, општествена и економска правда не е конечен чин. Таа е постојана, се менува, се приспособува, учи и секогаш, без разлика на тоа колку некој ќе ја потисне, излегува на површина, истакна македонскиот премиер во својот говор.
Претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Курт Бек истакна дека тоа што премиерот Заев го направил за Македонија и Европа е од исклучително значење. Исто така, германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, го поздрави Заев за оваа награда.