Пратениците од тогашната опозиција „заборавиле“ што се случувало на 27 април 2017 година.
Тоа може да се заклучи од денешното рочиште за случувањата во Собранието на кои како сведоци се пoјавија актуелни и поранешни пратеници на СДСМ, пишува Република.
Тие како да добиле колективна амнезија па се сеќаваат селективно или пак воопшто не можеа да се сетат како течел тој ден пред три години, наведува медиумот.
Поранешната пратеничка Татјана Прентовиќ беше изненадена дека се потпишала на барањето седницата на 27 април да продолжи следниот ден.
-Не се сеќавам на такво нешто, кусо одговори Прентовиќ, а во тој момент адвокатот на одбраната Еленко Миланов извади запсисник од барањето на која стоеше и нејзниот потпис и и го достави на Пренковиќ, на што таа додаде: „Да тоа е мој потпис“.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски пак, не беше сигурен дека седницата требало да продолжи следниот ден, ниту пак дека тоа е негов потпис.
-Не ми личи на мој потпис но можно е да сум се потпишал, рече градоначалникот.
Тогашната пратеничка на ЛПД, Јулијана Николова пак дури и напомена дека имала дупка во меморијата за тој ден и дека за тоа поседува и медицинска белешка. Сепак за потписот се сети дека е нејзин.
Актуелниот пратеник на СДСМ, Диме Велковски пак за време на испрашувањето од страна на адвокатот Еленко Миланов најчесто не ги разбираше прашањата.
-Многу работи се потпишуваа, не се сеќавам, рече Велковски, а не го разбра ниту прашањето во кој период од денот на 27 април дознал дека седницата треба да продолжи спедниот ден. „Не ви го разбирам прашањето“, рече пратеникот.
Сепак она што сите денешни пратеници го потврдија е дека тогашниот претседавач на Собранието Трајко Вељаноски не го прекршил Деловникот и дека на сите пријавени пратеници морал да им даде збор.