Македонија 14. септември 2019. / 15:11

Пратениците ја разрешија Катица Јанева

Пратениците ја разрешија Катица Јанева

Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска беше едногласно разрешена во македонското Собрание.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја отвори денешната седница со единствена точка: разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева, која што се наоѓа во притвор поради аферата „Рекет“.

Пратениците едногласно го усвоија дневниот ред.

За разрешувањето на Катица Јанева неколку пратеници зедоа збор.

– Секое правно лудило и правен занес завршува исто вака. – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и додаде дека секогаш кога се носат неуставни закон, секогаш кога се крши Уставот, работите завршуваат вака, а некогаш и со многу потешки последици.

Димовски исто така укажа на тоа дека во Грција започна процес против притисоците кон пратениците од опозицијата за прифаќање на Договорот од Преспа.

Збор зедоа и координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митревски и Никола Мицевски.

– Ставот на СДСМ е повеќе од јасен за разрешување на Јанева. На комисијата гласавме за нејзино разрешување, ќе гласаме и денес. Мора да нагласам како партија и пратеничка група сме одлучни и истрајни, правда мора да има за секој што се огрешил пред законот. – рече Митревски.

За збор се јави и пратеникот од ДУИ кој повика сите партии да го поддржат ветингот.

Со 102 гласа ЗА и ниту еден ПРОТИВ, Катица беше разрешена.