Македонија 22. јули 2020. / 13:34

Повторно проблеми со вистината: Заев сака преку ноќ да се испере од уцените

Повторно проблеми со вистината: Заев сака преку ноќ да се испере од уцените

И јас и СДСМ досега покажавме дека за нас политиката не е бројка, политиката не ја сведуваме на услови и условувања, туку на процес од кој секогаш треба да се извлече максимумот, кој е единствено во интерес на граѓаните и на државата.

Ова, меѓу другото, го истакна лиодерот на СДСМ, Зоран Заев, во последното интервју за А1 он.

И се ќе беше в ред, ако екс-премиерот не игра на картата на слабо паметење и уште еднаш не покажа дека има сериозни проблеми со вистината.

Двете споменати тези се апсолутно неточни. Напротив, во пракса се покажа дека неговото практикување на власта се сведува на постигнување голи бројки и уцени, од кои сега се обидува така, преку ноќ да се испере или да ги спакува во друга амбалажа под поими на услови и условувања.

Ако за Заев политиката не е бројка, тогаш како од поразен на минатите парламентарни избори стана победник формирајќи влада? Ако за него политиката не е бројка, тогаш како неуспешен референдум стана успешен? Ако за него политиката не е бројка, тогаш како одеднаш на избирачкиот список нема повеќе „мртви души“? Ако за него политиката не е бројка, тогаш како без записник ги предаде снимените прислушувани разговори од кои излегоа „бомбите заевки“? Ако за него политиката не е бројка, тогаш како токму во изборната кампања се делеа илјадници ваучери?

Заев сега вели дека политиката не ја сведувал на услови и условувања. Ако политиката не ја сведувал на услови и условувања, тогаш како се случи тројца притворени пратеници да бидат ослободени од притвор и амнестирани за настаните од 27 април токму на денот на гласањето на уставните измени? Ако политиката не ја сведувал на услови и условувања, тогаш како знаеше кои предмети на СЈО ќе паднат? Ако политиката не ја сведувал на услови и условувања, тогаш зошто знаеше дека ќе падне предметот „Попис“ во кој беше осомничен лидерот на ДУИ, Али Ахмети? Ако политиката не ја сведувал на услови и условувања, тогаш зошто двајца бизнисмени преку ноќ сменија мислење и се најдоа измамени, па го обвинија Бојан Јовановски за измама? Ако политиката не ја сведувал на услови и условувања, тогаш зошто сакаше да оди сам на брзи корона избори?

Колку и да сака да се испере од уцените, за жал тие ќе останат да го следат како составен дел од неговото владеење и практицирање на власта. И ако подобро се размисли, споменатите сигурно не се единствени примери за тоа.