51 отсто од Грците веруваат дека Договорот од Преспа со Северна Македонија е погрешен потег, а 36,8 отсто го дефинираат како чекор во вистинската насока, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Абаут Пипл за грчкиот информативен портал Њуз 247.
Во истражувањето за грчката надворешна политика, фокусирано на односите со Турција, од испитаниците беше побарано да ги искажат своите ставови за Договорот од Преспа, т.е. дали е тоа во правилна или погрешна насока, две години по ратификувањето од грчкиот парламент на 25 јануари 2019 година.
Од анкетираните, 36,8 отсто рекле дека договорот е во вистинска насока, а мнозинство од нив, седум од десет кои го поддржуваат договорот, гласале за СИРИЗА, додека 23,4 отсто за Нова демократија на последните избори.
Од оние 51 отсто кои сметаат дека работата тргнала наопаку, седум од десет или 67,6 отсто на последните избори гласале за Нова демократија, 23,1 отсто за СИРИЗА. Останатите анкетирани на конкретното прашање во врска со Договорот од Преспа ја избраа опцијата „Не знам / не сакам да одговорам“.
Анкетата е спроведена на 27 и 28 јануари со учество на 928 граѓани со право на глас.
Договорот од Преспа потпишан во 2018 година стави крај на 25-годишниот спор меѓу Атина и Скопје околу името на Македонија и требаше да ги реши сите чувствителни прашања меѓу двете земји, но не беше недвосмислено поздравен од народите на двете земји. Договорот во Грција доведе до владина криза, а премиерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас ги изгуби изборите.