Македонија денеска го одбележа својот црн рекорд. Во последните 24 часа починаа нови шест лица од корона вирусот. Со тоа бројот на починати во државата од почетокот на пандемијата се искачи на 44 лица. Многу или малку?! Како за кого. И онака животот ни се претвори во бројки. Во секојдневно исчекување на часот за секојдневниот прес на министерот за здравство Венко Филипче, на бројот на новозаразени, на бројот на новопочинати, во бројот на (не)набавени респиратори, без доволно тестови, во бројката на платата, што треба да ја добиеме, во бројот на исчистени тони смет, во бројот на нови легла за недај боже, во бројот на контакти на заболените, во бројот на министри, кои ќе ги видиме на видео-средба со подобните новинари, во бројот на….
Предраг ДИМИТРОВСКИ
Не верувам дека има некој, кој не е свесен дека светот повеќе нема да биде ист со оној во кој досега живеевме. Исто како што не верувам дека по денешната бројка на починати од корона вирусот во државата не му стана јасно дека на новокомпонираниот национален херој Венко Филипче конечно не му падна маската од лицето зад која досега вешто се криеше. Зашто, бројот на починати лица, на загубените животи од сите возрасти, без разлика што станува збор за светска пандемија, не може да се претстави како број на обични вреќи со компири.
Не, се работи за човечки животи! За нечии родители, браќа, сестри, синови, ќерки, блиски, пријатели, другари… За луѓе со кои некој делел и добро и зло, делел корка леб, делел постела, дом, топло катче, секојдневие. И тие целиот свој живот двоеле од уста за здравствен систем во кој биле осудени да инвестираат. Без да им врати и помогне во моменти кога им бил најпотребен. Кога се бореле за својот живот! И тука нема никакви објаснувања од типот ама корона вирусот бил многу опасен, делувал како нинџа, уништувал бели дробови…
Не, редно е отворено да се каже декаљ Венко Филипче ги има испуштено конците од рака. А, тоа и самиот го признава. Па, затоа и ќе рече, онака срамежливо, за да не се сетат Власите, нели, дека сега е во фокусот да се откријат заразените, тие со симптоми, и да се идентификуваат нивните примарни контакти. Со други зборови, Филипче допрва ќе ги бара оние, кои биле во некаков контакт со над 800-те заболени од корона вирусот!
А, што правеше досега Филипче?! Не може да се каже ништо, ама по се изгледа поважни му биле камерите и промоцијата во национален херој, отколку вистинската желба да го спречи ширењето на смртоносниот вирус. И, кога е полесно да се спречи-на почеток, кога колку-толку се има увид во „сомнителните“ или кога таа бројка ќе скокне на стотици и стотици? Ако се тргне од разумот и рациото одговорот е јасен. Ама, кога стравот и смртта на обичниот човек ќе се претворат во средства за водење не политика, туку голо политиканство, тогаш нема место ни за разум, ни за рацио. Тогаш на сцената стапува одата на глупоста во изведба на Венко Филипче!
И сега Филипче ќе трча да затвора дупки. Како на буре полно со вода на кое секојдневно се јавуваат по неколку отвори. Оди стигни, па затвори ги сите. И да сакаш, не можеш. А, на крајот водата ќе истече целосно, а ти ќе клапнеш од премор.
Леснотијата изнесена на почетокот на пандемијата за очекувани 2.000 заболени, што потоа драстично скокна на 2.500 не покажува ништо, освен непобитен факт дека работите се импровизираат и оти нема никаква подготвена стратегија. Зашто, разлика во проценки од една четвртина на број на заболени лица не е исто со разлика на тезга кога се купува килограм-два компири. А, за да не се стигне или барем да се остане на тој 1% од вкупното население, што веројатно е основа на сите учебници по епидемиологија, треба да се работи, работи, работи…
Многу е лесно да се каже бројка, што сите ќе ги извади од памет. Па, ако не се стигне до неа, тогаш ќе бидеме херои, а ако се исполни, тогаш ќе се остане на проверената тактика-па ние рековме… Ама не така. Кога еден Емануел Макрон ќе смогне сили и храброст да каже пред сопствената нација и целиот свет дека корона вирусот ја нашол Франција неподготвена, тогаш не е срамота еден Венко Филипче да каже дека Ковид-19 ја пресретна Македонија апсолутно неподготвена од секој аспект. Без лаборатории, респиратори, легла, без заштитни маски и скафандери, медицински лица без основна опрема, со арогантни поединци во редовите на лекарската фела, со неподготвеност да се слушне мислењето на другиот, со неоговорни граѓани, со самобендисана власт вљубена во сопствената моќ и исполнета со желба за манифестирање гол популизам на секој чекор, наместо да се справува со крона вирусот и последиците што следат, со…
Можат да се наредат уште безброј работи. Но, од каде тој порив токму во ова време-невреме да се провоцира, да се собираат ситни дневно-политички поени од судир со полицијата, на пиедесталот да се издига недопирливоста, моќта, статусот над другите обични смртници…!? Па, зарем е толку слатка власта и тоа во мигови кога сите до еден доаѓаме до ист заклучок-секој од нас завршува во два метра!
Токму вчера некому во Општина Гази Баба му текнало, во време на полициски час, да отстранува „легнат полицаец“!? Па, што не реагирал кога го поставувале? Што не отишол во Општината да бара да го отстранат од тие и тие причини? Немал време или не сакал? Ни едното, ни другото. Едноставно сакал да предизвика реакција на полицијата и инцидент. За да можат да му се пуштат потоа на надлежниот министер, кој, нели, не е од „нашите“ или, подобро речено, од СДСМ. Ама затоа СДСМ, односно неговиот градоначалник во Гази Баба е тука. Тој е власт, тој е моќ, тој може се. И да вработува во услови на криза, но, што е многу поважно, да ослободува сопартијци и од полициска станица! Како најдобра потврда на мотото за „Едно општество за сите“.