Од денеска во 21 часот целата територија на државата ќе биде 9 часа под полициски час. Целта на мерката, според Владата, е да се спречи или забави ширењето на КОВИД-19.
Со полицискиот час нема да бидат опфатени припадниците на МВР, АРМ, противпожарните екипи и лицата од комунална хигиена кои моментно работат во смени, а за медицинските лица ќе бидат обезбедени специјални легитимации.
– Од денеска стапува во сила забраната за движење на граѓаните во ноќните часови. Се воведува полициски час што ќе трае од 21 до 06 часот секој ден. Целта на оваа ригорозна мерка, воспоставена прв пат во историјата на земјава со одлука на Владата, е максимална заштита на граѓаните од коноронавирусот, изјави вчера техничкиот премиер, Оливер Спасовски.
Полицискиот час нема да се однесува и на лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лицата кои се во животно-загрозувачка состојба и лицата кои одат на дијализа. Тие ќе може да бидат придружувани исклучиво од најмногу две лица.
-Ако поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска придружба, дополнително ќе се евидентира и провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравстевната инстуиција преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед, рече Спасовски.

Кои се другите мерки:
Да се ограничи бројот на дежурните аптеки на територијата на градовите и да се назначат од Министерството за здравство или Агенцијата за лекови-МАЛМЕД или Фондот за здравствено осигурување, одреден број на аптеки, кои ќе дежураат во рестриктивниот период, а во исто време да бидат локациски поврзани со дежурните здравствени институции. Пристапот до дежурните аптеки ќе се ограничи само на лица кои извршиле медицински преглед во здравствена установа, а како доказ за тоа ќе приложат медицински извештај од извршен преглед.
Да се задолжат такси компаниите да воведат дежурства со ограничен број на возила и истите да бидат искористени исклучиво за превоз кон/од болничка установа или аптека. Таксистите задолжително да користат лична заштитна опрема во возилото (заштитна маска и ракавици).
Се забранува движење на возила од јавен превоз од 21:00 до 06:00.
Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби, Топлификација смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).
Да се организира меѓуградскиот и јавниот превоз со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50 отсто во возилото, или со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците.
Се забранува собирање на населението во групи поголеми од 5 (пет) лица во период од 06:00 – 21:00 на јавни места и површини. Тоа го досега го имавме како одлука.
Директорите/управителите на погони/фабрики на сите институции се задолжуваат да го прилагодат своето работно време и производството согласно забраната за движење во предвидениот период.
Во трговските објекти, аптеки и јавни установи кои даваат услуги за населението каде плаќањето и работата се одвива на каси или шалтери, да се ограничи присуството на граѓаните согласно бројот на каси односно шалтери (колку каси/шалтери толку граѓани во исто време), односно врз основа на големината на објектот. Времетраењето на задржување во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите на објектите.