Никола Груевски треба да се појави во истражниот затвор „Скопје“ за да одлежи две години затвор, сепак тој денеска нема да се упати кон населбата Шуто Оризари.
Во Кривичниот суд од вчера почнале да пристигаат поединечните жалби на сите адвокати од тимот на Груевски на одлуката на судијата за извршување санкции, кој одби да му го одложи издржувањето на казната. Со поднесувањето на жалбата автоматски му се одложува извршувањето на казната и тоа во зависност од времето потребно Кривичниот совет да ја донесе одлуката, но кое е ограничено на три дена. Ова се црпи од член 91 од Законот за извршување на санкциите, јавува Фокус.
Сепак, во истиот член е наведено и дека Кривичниот совет е должен да донесе решение по жалба во рок од три дена, што значи дека мораат да одлучат најдоцна до понеделник, 12 ноември, но одлуката може да ја донесат и утре.
Доколку и тие го одбијат одложувањето на казната Груевски ќе мора да оди зад решетки.