И официјално почна „трката“ за формирање нова Влада откако Собранието вчера ја одржа конститутивната седница. И претседателот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавуваат мнозинство од 61 пратеник. Според Заев, сите опциии се отворени. На слична позиција е и Мицкоски. Рокот тече.
Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Уверен сум дека ќе успееме да формираме стабилна и успешна влада со мандат од четири години. Ова го темелиме на основ на бројките. Ќе ги слушнеме размислувањата и врз основа на тоа ќе пресечеме. На граѓаните им треба сериозен пристап, а не калкулации и исполнување некакви агенди – изјави Заев по седницата и додаде дека очекува резултати од преговорите во наредните десет до 15 дена.
Заев смета дека многу пратеници ќе дадат поддршка за формирање влада со оглед дека мнозинството во Собранието е широко.
Средбите и разговорите со другите партии веќе се почнати. Заев најави дека ќе се види со сите претседатели на партии од албанскиот политички блок, а работните групи и членовите на партиските раководства ќе имаат постојани средби на повеќе нивоа додека трае преговорачкиот процес за коалиција и составување парламентарно мнозинство.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоцски, смета дека може да формира Влада поради тоа што, како што истакна, неговата партија е фокусирана на преговори за ново парламентарно мнозинство.
Мицкоски најави дека во периодот што следи ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зачести средбите со политичките партии кои се дел од сегашниот парламентарен состав, но не само со оние од албанскиот блок, туку и со оние од коалицијата на СДСМ. Тој смета дека можеби и тие ќе ја препознаат реформската програма на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја поддржат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е воедно уверен дека никој од пратеничката група „За обнова на Македонија“ нема да ја поддржи програмата на Заев и СДСМ.
Според Мицкоски, новата влада треба да биде стабилна, реформска, со јасен план и визија за справување со предизвиците. Политиката, според него, не е пазар, туку мудрост и филозофија.
Да оставиме времето да покаже кој ќе го формира парламентарното мнозинство. Да, на оние пратеници на кои им се пристапени мистериозни личности кои се повикуваат на раководството на СДСМ, пријдоа, кажаа и со згорзување ги одбја. И јас со згрозување одбивам да коменитрам ваков вид пазар зашто на тој начин само ги демотивираме и деморализираме нашите сограѓани за следните избори кои на една година од сега ќе бидат локални. Верувам во политичка мудрост, политичка програма и политичка филозифија , а не на пазар како што се случуваше во претходниот парламентарен состав – нагласи Мицкоски.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села во контекст на формирањето нова влада, пред конституирањето на Парламентот изјави дека очекува да има правна држава која побрзо ќе стане членка на ЕУ. Според Африм Гаши од Алтернатива, пак, на партиите им треба повеќе политичка култура и волја да им служат на граѓаните.
Според лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рано е да се зборува за очекувањата. Според него, преговорите за формирање нова влада може да почнат, но уште нема ништо конкретно.
Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Македонија.
На парламентарните избори што се одржа на 15 јули годинава, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ доби 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два, а ДПА еден мандат.