Македонија 17. ноември 2020. / 16:22

Починаа тројца пациенти на инфективното одделение во велешката болницата

Починаа тројца пациенти на инфективното одделение во велешката болницата

На инфективното одделение во Општата болница во Велес денеска починаа тројца пациенти од Велес, маж и жена на возраст од 78 години, потврдени позитивни и уште еден маж на 71 година примен во тек на вчерашниот ден со многу мала сатурација и пневмонија типична за Ковид, кој не бил тестиран, информира портпаролот на болницата, Весна Неделковска Николова.

Бројот на починати во Велес и велешко од почетокот на пандемијата на Ковид-19 се зголеми на 47.

Од вкупно 88 хоспитализирани пациенти со Ковид на трите одделенија во велешката Општа болница, на инфективното има 59 пациенти, што се и најмногу хоспитализирани на ова одделение од почетокот на пандемијата.

Инфективното одделение со 59 пациенти е преполно, а капацитетот по вторпат е проширен. На почетокот имаше 35 кревети, потоа 54 кревети, а сега 59 кревети, колку што има и пациенти во оваа одделение. Целосно исполнето е и интерното одделение Б крак со 15 пациенти колку што има и кревети. На физикалното одделение со 25 кревети има 14 пациенти.

Инаку од 88 пациенти, 73 се потврдени позитивни, девет се сомнителни и шест со негативни контролни тестови, а 30 од пациентите се на кислородна поддршка.