Македонија 03. март 2020. / 13:00

По униформите и чизмите, Армијата добива спортска опрема

По униформите и чизмите, Армијата добива спортска опрема

До крајот на годинава сите припадници на армијата се планира да добијат спортска опрема која заедно со спортските справи ќе ни донесе и физички поподготвена Армија и Армија која што навистина ќе знае дека од нејзе се очекува многу повеќе, информираше денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска при денешната посета во касарната „Илинден“.

Министерката потенцираше дека ова е уште еден важен проект започнат во 2019 година со кој за прв пат е обезбедена спортска опрема за припадниците на Армијата, во првата фаза 1.200 целосни комплети за војниците во касарната Илинден, касарната во Штип, Генералштабот и Воената академија.

– За да биде тука тогаш кога и треба на државата и тогаш кога им треба на граѓаните и во мирни околности, без криза треба да вложуваме во Армијата. Владата покажа навистина дека вложува во својата Армија, вложува со поголеми плати, но вложува и со подобри услови за работа, рече министерката Шекеринска.

Таа најави дека во следните денови започнува и втора фаза со која се очекува до крајот на годината, буквално сите припадници на нашата Армија да имаат целосно комплетираната нова спортска опрема.

– Добрата физичка подготвеност и добриот квалитет кај армиските припадници можеше да се види и на интернационалниот натпревар во мал фудбал во Кабул, Авганистан, каде нашите мировници во конкуренција на девет екипи го освоија првото место и го подигнаа победничкиот пехар, изјави Шекеринска.