Македонија 28. март 2019. / 13:47

По 22 години Латас даде оставка од главен и одговорен уредник во ТВ Сител

По 22 години Латас даде оставка од главен и одговорен уредник во ТВ Сител

Драган Павловиќ Латас денеска соопшти дека поднесува оставка на функцијата Главен и одговорен уредник во ТВ Сител.

– Оставката ја поднесувам со цел – заштита од понатамошни притисоци кон мене како новинар и кон медиумот во кој работам. – објаснува тој во неговото соопштение до медиумите.

На оваа функција во ТВ Сител Латас бил од мај 1997 година до денес.

– За тој период ТВ Сител израсна во водечки медиум во Македонија, препознатлив по својот стил, со свој карактер и школа од која излегоа најголем дел од денес релевантните новинари во државата, каде е создадена семејна атмосфера на соработка исполнета со меѓусебна доверба, заедничка посветеност на работата и професионалните стандарди. За тоа време ТВ Сител изгради свој идентитет забележан и почитуван не само во Македонија, туку и во регионот.

Како новинар со најголема продукција меѓу денешните професионални новинари, со пет награди за новинар на годината и внимание добиено од публиката и јавноста благодарен сум на ТВ Сител за укажаната можност како главен и одговорен уредник да предводам медиум и тим со кој се гордеам.

ТВ Сител е мое животно дело, трага која е неизбршлива и секојдневно видлива.

Продолжувам со својот професионален ангажман во ТВ Сител и понатаму, како новинар и како Извршен продуцент кој има задача да се грижи за создавање и продукција на сопствената програма на ТВ Сител.

На своите соработници, а ги имало преку стотина, за изминатите 22 години на функција одговорен уредник на ТВ Сител им благодарам за секој час поминат со нив, за соработка без ниту еден лош збор и ниту една неостварена заедничка идеја и проект. Очекувам дека така ќе соработуваме и на новите работни задачи и проекти, а дека публиката и јавноста ќе ни ја даде својата поддршка, како и до сега. – се наведува во соопштението од Латас.