Постапката за набавка на обрасците за лични документи е спроведена и договорот е склучен согласно Законот за јавни набавки, соопшти дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Славјанка Петровска реагирајќи на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски за скандалот за коруптивен тендер во МВР.
Таа посочи дека работат и ќе ги испитаат сите наоди, па макар тие биле и паушални обвинувања поттикнати од партиски интереси.
– За да се борите против криминалот треба да го осудите криминалот во сопствените редови. Следниот пат кога ќе застанете пред камера со обвинувања, прво проверете дали ги знаете сите информации или сте наседнале на нечија провокација или непознавање. Постапката за набавка на обрасците за лични документи е спроведена и договорот е склучен согласно Законот за јавни набавки, стои во соопштението на Петровска.
По излегувањето во јавност на скандалот за коруптивен тендер во МВР за набавка нови пасоши и други лични документи, во кој, според пишувањето на медиумите се отуѓени речиси 20 милиони евра од буџетот, со став се огласи министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој најави ефикасна истрага.