Македонија 17. октомври 2018. / 11:01

Петар Атанасов за „Лидер”: МОН само ќе ги испринта новите учебници! Крајниот збор е на историчарите!

Петар Атанасов за „Лидер”: МОН само ќе ги испринта новите учебници! Крајниот збор е на историчарите!

Заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов, во интервју за „Економски Лидер” истакна дека за историските прашања треба двете страни да направат отстапки со цел да се постигне решение. Тој вели дека националните превирања и дилеми помеѓу Македонија и Бугарија мора да се разрешат, а што би се обезбедила подобра заедничка иднина. Во интервјуто, Атанасов зборува и за моменталната политичка состојба. Смета дека Македонија во моментов има премиер кој ја движи државата во вистински правец, а помирувањето не значи простување на криминални, кривични дела. МОН предвидува и нов начин на екстерно тестирање, се креираат стратегии за зајакнување на квалитетот на образованието и наставниот кадар но се прават и напори за поголема соработка со приватниот сектор со што би се намалила невработеноста кај младите и би се спречило иселувањето.

Една година без тестирање, без никаква надоврешна евалуација на учениците, но и работата на наставниците. МОН планира да воведе национално тестирање. До каде се подготовките? Дали сепак на крајот од оваа учебна година учениците ќе подлежат на проверка?

– Екстерното тестирање кое се имплементираше неколку години наназад, а заклучно со 2016 година беше несоодветно поставено. Имаше премногу слабости. Освен стрес за учениците, родителите и наставниците, не донесе ништо добро. Не видовме резултати и иницирани реформи врз основа на тие резултати, а заради подобрување на квалитетот на образованието и на знаењето кое учениците го стекнуваа…Видовме секојдневни реакции на оштетени ученици поради разни причини, видовме приговори, тужби, масовни протести… Го укинавме тој процес и најавивме дека ќе воведеме вистински процес на национално тестирање, кое нема да им наштети на учениците и наставниците и нема да има никакви реперкусии по однос на нивниот успех, плата, работен однос и слично. Напротив, преку нов концепт на надворешна проверка на стекнатото знаење, сличен на словенечкиот, само ќе добиеме објективна оценка и индикатори кои ќе ни покажат во кој правец да делуваме во иднина за работите да се променат на подобро. Веќе работиме на планирање на нов систем на национално тестирање, заедно со нашите големи партнери и најрелевантни субјекти во овој процес, а тоа се ОЕЦД и УНИЦЕФ. Имено, нивни експерти веќе направија скенирање на постојниот систем на оценување и евалуација во нашата земја. Во фаза на подготовка е извештај со конкретни забелешки, сугестии и насоки за постапување при конципирањето на новиот систем на оценување и евалуација.. Се обидуваме да дизјанираме систем што треба да го тестираме кога ќе се создадат услови. Се работи и на подобрување на матурските испити и надминување на слабостите што се појавуваа во изминативе две години. На тоа работи Државниот испитен центар и очекуваме анализа и за овој процес. Но ништо не се случува преку ноќ.

Дали системот на образование без екстерна проверка е оставен сам на себе? Кој во моментов е коректор на квалитетот на наставата и наставниот кадар?

– Системот на образование не е препуштен сам на себе. Државниот просветен инспекторат е институцијата која и досега спроведуваше интегрална евалуација на работата на училиштата. И се уште е така. Тоа се одвива во редовни циклуси. Дополнително инспекторите се постојано на терен и се проверува почитувањето, односно непочитувањето на правните прописи, имплементацијата на законските одредби, етиката на наставниот кадар, на менаџментите на училиштата и другите образовни установи… Секое училиште има стручна служба која секојдневно ги прати состојбите во училиштето. Постојат нормативи, стандарди и подзаконски акти кои го регулураат наставниот процес. Најважно од се е да се работи на подигнување на квалитетот на секој елемент од наставата. Со тоа ќе се подобри целиот процес. Можеби во овој момент е поважно да обезбедиме директна поддршка и обука за наставниците за подобрување на наставата и наставните методи. Советодавната улога ни се загуби некаде во изминативе години и треба да работиме на нејзино враќање. На наставниците во овој процес им треба поддршка а не ново оценување.

Министерството за образование ќе ја има клучната улога во изготовката на учебниците по историја, по однос на договорот со Бугарија. Процесот е на почеток, но и на самиот почеток многу гласини и узбуна. Иако постапката ја води заедничка комисија составена од експерти од двете страни, учебниците ги изработува МОН. Дали МОН ќе остане само нем набљудувач на процесот и на крај само ќе ги издаде учебниците, или вие како институција задолжена за образованието ќе имате интервенции во историјата која учениците ја учат децении наназад?

– Многупати досега како политички субјекти сме потенцирале дека историјата треба да биде препуштена на историчарите, а не за дилемите, несогласувањата и слично, да одлучуваат политичарите. Бидејќи, во спротивно раздорот може да стане поголем, наместо да се зацврстува сплотеноста помеѓу граѓаните во една земја или пак, помеѓу народите. Конкретно во односот со Бугарија, договорот предвиде комисија составена токму од историчари и други релевантни субјекти да ги усогласи работите за кои години наназад постојат различни гледишта и согледувања, било дали станува збор за значајни историски случки, личности, датуми и така натаму. Тоа што ќе излезе како плод на разговорите, односно плод на работата на комисијата ќе мора и ќе го почитуваат двете страни, односно ќе биде имплементирано од страна на надлежните институции, конкретно најзасегнатите – Министерствата за образование и соодветните служби.

Според бугарските историчари, задачата на комисијата е со размена на аргументи да се стигне до историската коректност. Сметате ли дека историјата е компромис?

– Историјата на народите кои живеат на овие простори е испреплетена и поради тоа постојат дилеми кои мора да се разрешат, затоа што создавале и создаваат национални превирања и тоа иницира застои на одредени процеси за создавање на подобро утре за земјите. Решенијата подразбираат дека некаде треба да отстапите, некаде да отстапи другата страна, некои работи да бидат прифатени како заеднички случувања и така натаму. Ако е тоа дефиниција за компромис, тогаш да, сметам дека тој треба да се случи.

Веќе 28 години, никој не успеа да го реформира средното образование. Учениците се повеќе бираат неатрактивни струки, струките за кои има работа нема интерес. Се повеќе се зголемува бројот на невработени млади лица, кои со факултетски диппломи седат дома или заминуваат од земјава. Како ќе ги здржите интелектуалните умови во Република Македонија? Како младите да останат дома и да работат пристојна работа а шансата да не ја бараат надвор од земјава?

– Пазарот на трудот во земјата сé повеќе има потреба од стручен кадар, со завршено средно и со високо образование. И затоа, промоцијата и афирмацијата на стручното образование, но истовремено и негово реформирање и модернизација се врвен приоритет на оваа влада. Имено, веќе започнавме со имплементација на концептот на дуално средно стручно образование по примерот на развиените европски земји, каде се зацврстува непосредната соработка помеѓу училиштата и бизнис заедницата преку обезбедување на реална пракса за учениците директно на работно место, со што се стекнуваат потребните компетенции за ангажман на самите ученици во работните процес веднаш по завршување на средното образование. Во оваа прва година од имплементацијата на проектот опфативме две училишта, но интенцијата е да бидат опфатени сите средни стручни училишта и ова да биде едно системско решение. Во меѓувреме работиме и на унапредување на наставните планови и програми, на изработка на нови учебници, ќе следи модернизација на опремата во стручните училишта…Секако, постојат и други стимулации за привлекување на учениците и на студентите да го избираат стручното образование, како на пример финансиските, односно доделувањето на стипендии за упис на технички факултети, но сепак, најголем стимул треба да биде фактот дека стручното образование обезбедува поголема веројатност за работен ангажман што поскоро по формализација на образовниот процес. Започнати се повеќе големи проекти со меѓународни организации кои треба да ја подобрат сферата на образование и вработување. Владата работи на неколку процеси во врска со средното стручно образование. Кога ќе воспоставиме подиректна врска со реалниот сектор, од каде се очекува поддршка, работите ќе тргнат во позитивен правец.

Како пратеник учествувате во настаните од 27 април и изборот на новото парламентарно мнозинство и креирање на новата Влада. Премиерот Заев понуди помирување , за како што рече да се обединат двете страни, но директно не го спомена зборот амнестија. Дали идеологијата на паратијата ги помина сите граници, само за да се оствари една цел за која амин не дадоа ниту граѓаните на референдумот?

– Интеграцијата во ЕУ и НАТО е стратешка цел. Правиме сé, таа да се оствари. Тука нема поделби политички, партиски или етнички. Овој процес е во интерес на сите граѓани, затоа секој треба да го поддржи. Што побргу се сфати ова толку побрзо ќе напредуваме. Помирувањето не значи простување на криминални, кривични дела. Одговорноста ја утврдува друга власт, судската. Подадената рака значи, противзаконски дејствија повеќе да не се случуваат, да не и се наштетува на државата и на граѓаните. Конечно заедно да почнеме да одиме напред.

Дали подготвеноста на вашиот лидер да ја плати политичката цена за своите потези може да создаде внатрепартиски раздор?

– СДСМ има лидер кој прави се оваа држава да ја придвижи во вистински правец. Одлуките кои ги соопштува лидерот на партија, ги носиме заедно – членовите и пред се органите и раководството на СДСМ. Неколку години наназад ова раководство имаше тешка задача земјата да ја извлече од криза, од еден авторитарен режим, и да започне процеси на европска интеграција и социо-економски развој. Ова како правилна политика се потврдува во два изборни циклуси, но и над 600.000 граѓани го подржаа референдумот.

Дали вие од позиција на пратеник сметате дека амнестијата треба да е замена за пратеничкиот глас?

– Веќе одговорив, дека амнестија нема. Постои разлика помеѓу национално помирување и амнестија.

Функционира ли коалицијата ДУИ-СДСМ во Министерството за образование и наука? Во јавноста има впечаток дека функционирате како две одделни тела во иста институција?

– Министерството за образование има свој ритам и организираност. Обврските не дозволуваат импровизации. Секако, се работи според владината програма и функционираме како коалициона влада. Можеби е потребна поголема ангажираност на некои структури во министерството во врска со програмите и проектите, но тоа е работа на нас политичарите да го обезбедиме. Јас се обидувам да бидам добар соработник со сите, но не секогаш се зависи само од еден човек. Ќе бидам среќен ако со мојот ангажман ги продвижам работите во добар правец. Министерството е сложен организам, но кога се сака и се знае што се прави не е тешко.