Имам информации, но како претседател немам лично искуство како граѓанин кој оди на шалтер за да регистрира фирма, на пример, дали му се бара мито, но верувам на перцепцијата.
Не треба оправдување, туку реакција. Треба Акциски план со битните столбови за јасна поддршка за да се подигне на повисоко ниво битката со корупцијата, рече претседателот на државата Стево Пендаровски во однос на последниот извештај на Транспаренси интернешенл во кој нашата земја е на 111 место.
Не го изненадило ниското рангирање, зашто лани бевме на 105 место што, рече, е еднакво лош резултат и е логично зашто не може да има драстично напредок.
– Според методологија, се мерат перцепции. Не дека не е релевантен индикатор за реалните состојби, но перцепциите во оваа област се битна работа за да ги насочите напорите, рече шефот на државата во интервју за емисијата „Отворено“ на Телевизија 24.
Според Пендаровски, граѓаните се најмногу разочарани зашто, рече, не испорачавме правда што може да се види и низ бројките од парламентарните избори.
-Иста политичка структура, дури и кадровска, не само во политичка смисла, освои 110 илјади гласови помалку од изборите во 2016. Моја проценка е дека тоа е најмногу поради неиспорачувањето на резултати во оваа област. Со мојата надлежност, јас можам само постојано да ја кревам свеста за овие проблеми кои се неспорни и да им давам поддршка на луѓето и на факторите и институциите кои треба да ги расчистуваат, истакна Пендаровски.
Владата, според него, треба да и даде двапати поголема поддршка на Антикорипциската комисија, не само во однос на просториите, зашто, рече, тие луѓе имаат волја да се фатат во костец со корупцијата, посочувајќи дека првиот човек на ДКСК изјавил дека за изминатата година само една третина од нивни иницијативи за судир на интереси и евентуално за корупција се прифатени од Владата.
– Затоа имаме вакво 111-то место во светот, рече шефот на државата, кој зборуваше и за непостапувањето на полицијата, обвинителството, судовите во разни случаи, меѓу кои и последниот „Јавна соба“. Клучно, рече, е одговорноста и прозивањето на тие што се надлежни, зашто јавноста е инертна и вакви случаи се третираат два-три-дена, се оди на друга вест и никогаш не се враќаме на одговорноста.
– Единствен начин во оваа држава конечно да проифункционира одговорноста е да ги прозиваме луѓето, носители на институции, со име и презиме, од општини до претседател, рече Пендаровски.
Според него, реформи во судството се почнати, но проблемот не е во тоа што немаме добри закони, зашто тие се препишувани од ЕУ, туку зашто не се применуваат законите и методологијата за прочистување на судство и обвинителства. Посочи дека не се прават реформи ни во други области, на пример, во медиумите.
-Колку пати се зборува за реформа на јавниот сервис, никој не го потегнува ни тоа прашање. До овој момент, има управни и надзорни одбори со истечен мандат и ние не можеме да се спогодиме, не знам од кои причини, а сигурно не се законите, да ги расчистиме со нови луѓе со нов мандат за да тргнат во промени. Зашто нашиот јавен дифузен сервис е најлош во регионот, во споредба со други јавни дифузни сервиси, по сите параметри – гледаност, колку му се верува итн.. И тоа стои така неколку години, и со оваа власт, и со онаа власт на Груевски која толку многу ја критикувавме, рече Пендаровски.