Претседателот Стево Пендаровски, кој утре заминува во посета на Брисел, очекува дека на средбите таму ќе добие целосна потврда оти Македонија ќе добие датум за почеток на преговори.
Пендаровски нагласи, во интервју за Дојче Веле, дека евентуално ако не добиеме датум за преговори, тоа ќе биде поради Албанија, бидејќи ние ги исполнивме сите услови.
Евентуалното одлагање на добивањето на датум, вели претседателот, би се должело на прашања и процеси кои се надвор од нашето влијание, а во врска со можноста датумот за земјава да се врзува за Албанија, додава дека со оваа држава имаме одлични односи, дека пристапот земјите да се гледаат како дел од една поширока стратешка слика е начелно добар, но во исто време, мора да се внимава на спецификите и особеностите и на секоја земја одделно.
– Одлично би било да го одиме патот кон ЕУ заедно со нашите пријатели од Албанија, но дали ќе беше чесно кон Албанија и нејзините граѓани некој од нив пред десет години да побараше тие да не влегуваат во НАТО, бидејќи ние имавме проблем со Грција и дека треба и тие да почекаат додека истиот не биде решен. Остануваме партнери, имаме исти цели пред нас, конечно и Албанија доби јасна препорака, Европскиот совет да донесе позитивна одлука за да добијат датум за отпочнување на преговори и тоа треба да се случи, и за нив и за нас. – појаснува Пендаровски во интервјуто за Дојче веле.
Според изјавата на претседателот, најверојатно тој ќе бара одвојување од интеграцискиот пакет со Албанија, се со цел нашата држава што е можно побрзо да ги започне преговорите со ЕУ.