Претседателот Стево Пендаровски, во рамките на официјалната посета на Сојузна Република Германија, се сретна со министерот за надворешни работи Хајко Маас.
Двајцата размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Германија, при што констатирале дека двете земји имаат изградено односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување.
Претседателот Пендаровски оцени дека Германија е клучен политички партнер и најголем трговски партнер на Македонија, држава која постојано дава поддршка за нашите аспирации за членство во Европската Унија и во НАТО, и изрази задоволство за ратификацијата на Протоколот за наше пристапување во НАТО во германскиот Бундестаг.
Пендаровски и Маас разменија мислења за последните случувања поврзани со европската интеграција, при што претседателот посочи дека земјава во изминатиот период вложи многу напори во исполнување на европските критериуми и истакна дека ќе продолжи реализацијата на реформската агенда. Во таа насока, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за одредување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.