Македонија 18. март 2019. / 09:43

Пендаровски: Имам поддршка од 31 политичка партија и не сум само кандидат на СДСМ и ДУИ

Пендаровски: Имам поддршка од 31 политичка партија и не сум само кандидат на СДСМ и ДУИ

 

– Имам поддршка од 31 политичка партија и не сум само кандидат на СДСМ и ДУИ, бидејќи во коалицијата која ме поддржува има и три други политички партии на Албанците, како и политички партии на Србите, Турците, Бошњаците, Ромите и Власите. Гаранцијата за успех никогаш не може да биде 100 процентна, бидејќи многу работи зависат од кандидатот и кампањата, но рецепт за успех на избори во една мултиетничка држава, како што е Република Северна Македонија, е всушност да се обезбеди поддршка од сите етнички заедници и мнозинството граѓани- изјави Пендаровски во интервју за „Политика“.

Пендаровски, кој е национален координатор за НАТО во кабинетот на премиерот Зоран Заев, истакна дека зголемениот интерес на големите сили за Балканот има врска со аспирациите на Црна Гора и Северна Македонија за членство во НАТО, на што се спротивставува Русија.

Тој очекува дека со влезот на Северна Македонија во Алијансата тензиите ќе се намалат, а тогаш Скопје ќе може поинтензивно да ги подобри односите со Москва.

– На линија со клучните меѓународни фактори од двете страни на Атлантикот, идниот одговор меѓу Србија и Косово треба да ја зајакне, а не да ја ослабне регионалната стабилност. Треба да се затвори тој вековен проблем, но притоа да не се отвори друг проблем- смета Пендаровски.

Тој нагласи дека меѓу Србија и Северна Македонија не постојат отворени политички прашања, а економската и трговската размена имаат констатно позитивен раст.

– Има простор за унапредување на економските односи. Оптимист сум дека во годините кои се пред нас на тој план ќе имаме голем напредок, имајќи предвид дека сите имаме иста целта – подобар живот за сите наши граѓани- нагласи Пендаровски во интервјуто за српскиот весник.