Детската болница Козле ќе се оспособи за прием на пациенти со ковид-19. Како што соопшти Министерството за здравство, на располагање ќе бидат 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од ковид-19 кои ќе бидат со полесна и средна клиничка слика.
Болницата се доекипира со интернистички и инфектолошки тимови, лекари и сестри, кои ќе дојдат и од Инфективна клиника и од внатрешноста.
Во моментот во оваа болница се сместени 3 деца сомнителни на ковид-19, чии резултати од тестови се чекаат, а од денеска Болницата ќе врши прием и на возрасни пациенти.
Освен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, болницата „8-ми септември“ која функционира како ковид – центар, сомнителни и заболени пациенти од ковид-19 се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид. Веќе од утре целосно се вклучува детската болница Козле, а се подготвува и Ковид центар во Кавадарци.
Според податоците од Министерството за здравство, заклучно со денеска во болниците во земјава има 364 пациенти, од кои 7 се на респиратор.