Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ја обвини опозицијата дека направила замена на тези по сознанието дека тој е на својот имот во Маврово додека главниот град беше затворен во тридневен карантин. Според Шилегов, опозицијата го искористила моментот да поентира во период кога не можела да најде забелешка на неговото работење.
– Очајот и немањето одговор на новите политики и услуги кои ги креира градот, опозицијата ја заменува со искористување на тезите за тоа каде сум бил и што сум правел. Јас ќе одговорам со уште поголем ангажман. Ние се уште немаме почнато, допрва ќе стартуваме со новите работи и проекти, рече Шилегов.
Шилегов вели дека на неговиот претстој во Маврово не реагирале критички граѓаните, туку според него, станува збор за агресивна кампања од опозицијата против него.
– Не гледам револт кај граѓаните, тоа е спин од опозицијата. Никој не знае кога сум заминал, како живеам со моето семејство, не можат да најдат забелешка за работата и прават изместување на тезите, депласирана е таа вест, само зошто сум бил во своја куќа, наведе скопскиот градоначалник.
Вчера, Економски Лидер објави дека Шилегов ужива во својата викендица во Маврово, додека скопјани се во карантин.
На фотографиите беа забележани неколку паркирани автомобили во дворот на викендицата на Шилегов, што значи дека освен што градоначалникот избегал од мерките на владата, со себе си понел и друштво со кое ужива во својата викендица.
Нашите репортери, успеаја да го уловат и градоначалникот Шилегов како седи на својот балкон.
Инаку, бројни скандали се редеа околу викендицата на која Шилегов викендов прави журка, прво околу начинот на која е купена а второ околу узурпацијата на државно земјиште од негова страна.