Судот за човекови права во Стазбур одлучил дека важи аболицијата на тогашниот претседател Ѓорѓи Иванов, од април 2016 година, со која од прогон се аболицирани 54 лица и таа не е и не може да биде повлечена или укината, дознава Вечер. Со тоа, најголем дел од предметите кои сега се во фаза на судење по обвинение од СЈО мора да се запрат, а обвинетите или осудените да бидат ослободени од прогон или казна.
Првата фаза е да се наложи на извршната и судска власт да најдат начин спогодбено да се спроведе одлуката од Стразбур во договор помеѓу правосудниот систем и прогонетиот, односно обвинетите или осудените. Рок за ова е до 20 декември годинава Втората фаза ќе настапи ако до март следната година не се спроведе првата фаза. Односно ако нема спогодба, одлуката на Судот за човекови права од Стразбур ќе мора да се спроведе облигаторно, напиша Вечер.
Но, по објавување на оваа информација се огласи министерот за правда Бојан Маричиќ. Тој на Фејсбук објави дека информацијата објавена во некои медиуми дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов важи – претставува „класична лажна вест“.
Она што е точно е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија, од аспект на аболициите на Иванов, наведува Маричиќ во објавата.
Тој посочува дека Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25 септември 2020 година, на одговор до Владата доставил две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, a во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови и се во врска со прислушкуваните разговори.
Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку на 25.09.2020 година, само се доставени на одговор до Владата на Северна Македонија, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година, додава министрот за правда.
Според него, апсолутна шпекулација се информациите за евентуалните последици по тековните предмети пред домашните судови, кога предметните постапки пред ЕСЧП се во почетна фаза на комуникација, а за исходот од постапките, секако ќе треба да се почека одлуката на Судот во Стразбур, која може да дојде и по три години.
Сепак, со ширењето на лажната вест дека предметите потонале се врши притисок врз домашната правосудна власт да не одлучува по овие предмети. Но, исто така се открива и визијата за Правдата во очите на опозицијата. Нивна единствена визија за правда е аболицијата на Иванов.
Судските процеси ќе продолжат по постоечките закони на нашата држава, а правда мора да има за сите, додава министерот Маричиќ во објавата на Фејсбук.