Македонија 17. ноември 2020. / 20:41

Османи најави продолжување на разговорите со Бугарија, вели дека имаме втора шанса во декември

Османи најави продолжување на разговорите со Бугарија, вели дека имаме втора шанса во декември

Шефот на дипломатијата изјави дека уште утре ќе продолжат разговорите со Бугарија и дека верува оти земјата е свесна за штетата што ја нанесе со блокадата за преговарачката рамка, така што уште има надеж за одржување на првата меѓувладина конференција во декември.

– Ја пропуштивме оваа шанса, ама имаме уште една шанса до декември за одобрување на преговарачката рамка за преговори со ЕУ и за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите до крајот на годинава.

Ова го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако, на денешниот министерски совет на Унијата не помина преговарачката рамка за Македонија, поради ставот на Бугарија, која, од друга страна, ја одобри преговарачката рамка за Бугарија.

Во гостување на вестите на Сител, Османи рече дека не е разочаран и депримиран и дека е свесен дека претстојат уште многу пречки до полноправното членство на Македонија во ЕУ.

– Не сум разочаран. Ја пропуштивме оваа шанса за утврдување на преговарачката рамка, ама имаме и втора шанса, на Советот за општи работи на ЕУ, на 8 декември. Има уште шанси за одржување на меѓувладината конференција во декември. Уште утре ќе ги продолжиме разговорите со Бугарија, изјави министерот за надворешни работи на Македонија.

Тој рече дека верува оти Бугарија е свесна за штетата што ја нанесе и на себеси и на Македонија, и на процесот на проширување, но и на кредибилитетот на Унијата. Затоа, како што рече, верува дека грешката ќе биде исправена во наредниот период и дека Македонија, до крајот на годинава, сепак ќе може да ги почне преговорите со ЕУ.

Надеж за пробив во разговорите меѓу Македонија и Бугарија во наредните денови или седмици вечерва, искажа и германскиот државен министер за Европа Михаел Рот. И тој се надева дека се уште има простор  Македонија официјално да ги почне преговорите со ЕУ за време на германското претседателство.