Македонија 22. јануари 2019. / 19:47

Османи: Македонија ќе влезе во НАТО, Грција се подготвува за историскиот чин на гласање на договорот

Османи: Македонија ќе влезе во НАТО, Грција се подготвува за историскиот чин на гласање на договорот

Македонија ќе влезе во НАТО, со тоа ќе се создаде политичка стабилност, а истата ќе резултира и со економска стабилност, пишува Либертас. Вицепремиерот Бујар Османи во интервју за грчката агенција АНА-МПА, вели дека целиот регион ќе се движи со брз ритам и повеќе Балканот нема да биде црна дупка на европскиот континент. Според Османи реакциите на двете страни од границата се должат на фактот што Договорот кој го потпишаа земјите е симетричен и претставува вин-вин решение. Вицепремиерот смета дека во Македонија процесот не бил лесна процедура за кој никој не бил сигурен дека ќе има успешен завршеток.

– Имавме двајца харизматични лидери  во земјата, господинот Заев и господинот Ахмети, од двете етнички заедници, но и искрена помош од меѓународната заедница, од Европската унија и Соединетите Американски Држави, кои на некој ја создадоа оваа формула на успех на процесот и многу сум среќен што го завршивме и го отстранивме овој огромен “камен” од вратот што ни пречеше да напредуваме во изминатите 27 години, изјави Османи.

Во меѓувреме Грција се подготвува за историската одлука, да го ратификува договорот од Преспа во Законодавниот дом. Но опозицијата бара на јавен увид да биде ставен Македонскиот устав и текстот од оставката на довчерашниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас. Најгласен во тоа беше Јоргос Кумуцакос, надлежен за надворешната политика во Нова Демократија. И пратеникот од Златна зора, Илиас Касидиарис реагираше дека не е доставена целата содржина на Уставот, имаше приговори и во однос на составот на Комисијата, а истакна дека за неговата партија процесот е нелегален, бидејќи нема потпис од претседателот Ѓорге Иванов. Јанис Аманатидис од СИРИЗА во неговото обраќање рече дека договорот е урамнотежен, национално корисен, ѝ служи на националната позиција и треба да биде изгласан од грчкиот Парламент.