Членови на семејствата и поддржувачи на обвинетите во случајот „Монструм“ денеска одржуваат протест пред Oсновното јавно обвинителство. Во еден момент ескалираше ситуацијата на протестите, и незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот.
Протестот започна во 13:30 часот од паркот во Чаир, а учесниците носат транспаренти и знамиња.
Дел од учесниците на протестот извикуваа „Етничка Албанија“ и „УЧК“.
„Бидејќи нема правда во институциите, ние бараме правда преку улицата, на демократски начин”, изјави за медиумите Бедри Ајдари, како еден од организаторите на протестот за текот на судењето на случајот „Монструм”.
Тој додаде дека обвинителството нема докази против обвинетите, но кога би видел вистински аргументи од страна на обвинителството, дека „капа би симнал“.
Протестот е поддржан и од опозициските партии Алијанса за Албанците и Алтернатива. Протестниот марш започна од паркот во Чаир и ќе заврши пред зградата на Обвинителството.
Полицијата, поради најавениот протест, затвори за сообраќај дел од улиците.